Брнабиќ: Србија ја поддржува Украина во ЕУ интеграцијата

Ана Брнабиќ - претседателка на српскиот парламент

Претседателката на српскиот парламент, Ана Брнабиќ, на 10 ноември во Киев изјави дека Србија целосно ја поддржува Украина во нејзиниот процес на пристапување кон Европската унија (ЕУ) и дека ќе ѝ обезбеди помош на Украина во тој процес.

Брнабиќ е во посета на Киев и на Врховната рада (украинскиот парламент), а разговараше со нејзиниот претседател Руслан Стефанчук.

Брнабиќ, повикувајќи се на министерот за европски интеграции Немања Старовиќ, изјави дека Меморандумот за разбирање меѓу Србија и Украина за пристапување кон ЕУ е финализиран и дека се надева дека двете страни наскоро ќе го потпишат.

Таа додаде дека највисоките владини претставници на Србија, вклучувајќи ја неа и претседателот Александар Вучиќ, имаат одлична комуникација со украинските претставници.

Видете и ова: Вучиќ разговараше со Зеленски за „меѓународната агенда“

Брнабиќ изјави дека Србија доставила голема количина хуманитарна и финансиска помош на Украина од почетокот на војната со Русија во февруари 2022 година и дека таа е поголема од сумата на помошта што пристигнала во таа земја од целиот регион на Западен Балкан.

Брнабиќ истакна дека во српскиот парламент постои парламентарна група за пријателство со Украина која е во „постојан контакт со групата во украинскиот парламент“.

Стефанчук ѝ се заблагодари на Брнабиќ за посетата на заедничката конференција и рече дека со неа разговарал за голем број прашања од односите меѓу двете земји, вклучувајќи ја меѓупарламентарната соработка и заедничкиот пат кон членство во ЕУ.

Српскиот претседател Александар Вучиќ пред пет дена разговараше по телефон со украинскиот претседател Володимир Зеленски за односите меѓу Србија и Украина, европската интеграција и „меѓународната агенда за наредниот период“.

Србија е една од ретките европски земји што не се приклучи на санкциите против Русија за нејзината инвазија на Украина, но го поддржа територијалниот интегритет на Украина.

Србија постојано испраќа хуманитарна помош во Украина, која е под руска инвазија од февруари 2022 година.