Голема антикорупциска операција во украинскиот енергетски сектор

илустрација

Националното биро за борба против корупција на Украина (НАБУ) објави дека спроведува „голема операција“ заедно со Специјализираното обвинителство за борба против корупцијата, со цел да се разоткрие корупцијата во која е вклучена „високо рангирана криминална организација“ во енергетскиот сектор.

На 10 ноември, Бирото на социјалните мрежи објави дека истрагата трае веќе 15 месеци и дека се собрани околу 1.000 часа аудио снимки.

„Документирани се активностите на високо рангирана криминална организација. Нејзините членови изградиле широка корупциска шема со цел да влијаат врз стратешките компании во јавниот сектор, особено врз акционерското друштво „Енергоатом“, соопшти Националното биро за борба против корупција на Украина.

Бирото не открива детали за тековните истраги, но рече дека ќе ги објави подоцна.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Ситуацијата во Покровск „екстремно опасна“, Украина се обидува да го задржи клучниот град

Пратеникот во Парламентот, Јарослав Железњак, потврди дека се вршат претреси во компанијата „Енергоатом“ и во резиденцијата на поранешниот министер за енергетика Херман Халушченко, кој моментално е министер за правда.

Наводно, била претресена и куќата на бизнисменот и ко-сопственик на студиото „Квартал 95“, Тимур Миндич.

Иако Украина е пофалена за нејзиниот напредок во борбата против корупцијата, западните влади, антикорупциските тела и аналитичарите веруваат дека е потребна повеќе работа за целосно искоренување на корупцијата.

Порано оваа година, ОЕЦД во извештај изјави дека „ризиците од корупција остануваат високи во контекст на целосна руска инвазија на Украина“.

Истрагата, објавена на 10 ноември, дополнително исткнува зошто украинските граѓани и западните влади вршеле притисок врз претседателот Володимир Зеленски претходно оваа година да го повлече законот со кој се ограничува независноста на водечките антикорупциски тела во земјата.

Овој закон, кој подоцна беше повлечен, ги предизвика најголемите протести во Украина од почетокот на руската инвазија во 2022 година.

Видете и ова: Големи прекини на струја во Украина, се санираат штетите од руските напади

Во јули, истрагата на Радио Слободна Европа откри дека семејството на висок украински царински службеник поседува портфолио од луксузни недвижности и автомобили.

Анатолиј Комар беше раководител на одделот на Царинската служба задолжен за наплата на давачки за увоз и извоз на нафта, гас и друга енергија во февруари 2022 година, непосредно пред почетокот на целосната руска инвазија.

Во тоа време, месечната плата на Комар беше околу 2000 долари, додека главниот извор на приход на семејството доаѓаше од неговата сопруга, Марија, која работи како туристички водич и нуди онлајн курсеви. Нејзините пријавени приходи беа значително повисоки - околу 8000 долари месечно.

Сепак, деталната анализа на семејните трошоци сугерира дека таков начин на живот би барал значително поголем приход.

Кога беше прашан како се финансира луксузниот начин на живот, Комар за Радио Слободна Европа изјави дека не сака да коментира за лични прашања. Кога беше дополнително притиснат, тој изјави дека трошоците ги покрива неговиот „кум“ кој е „прилично богат човек“, но не даде дополнителни појаснувања.