Изборната комисија на Косово ги објави прелиминарните резултати од локалните избори

Косово - прослава во Јужна Митровица по првичните резултати од вториот круг локални избори, 9 ноември 2025 година.

Централната изборна комисија (ЦИК) на Косово ги објави прелиминарните резултати од вториот круг на локалните избори што се одржаа на 9 ноември, во 18 општини во кои не беше избран градоначалник во првиот круг на 12 октомври.

Според прелиминарните резултати, Демократски сојуз на Косово освои пет општини, Самоопределување и Алијансата за иднината на Косово освоија по четири градоначалнички места, а три општини освои Демократската партија на Косово.

Гласањето е завршено во сите општини, додека онлајн платформата, според шефот на ЦИК, Крешник Радониќ, подоцна ќе ги ажурира двете избирачки места за Јужна Митровица.

„Конечните резултати ќе бидат објавени по пребројувањето на гласовите од дијаспората, од лицата со посебни потреби и од условните гласачи“, рече тој.

Видете и ова: Втор круг локални избори во 18 општини во Косово

Што се однесува до гласовите од дијаспората, Радониќ очекува тие да пристигнат во Косово следната недела. Пребројувањето на сите гласови ќе биде завршено една недела подоцна.

Втор круг имаше во следните општини: Призрен, Пеќ, Јуник, Драгаш, Ѓаковица, Качаник, Фуше Косово, Јужна Митровица, Раховец, Сухарека, Гњилане, Вити, Вуштри, Обилиќ, Клина, Мамуша и Клокот.

Изборниот процес се одвиваше во 525 гласачки центри, со вкупно 1.648 избирачки места.

Право на глас имаат повеќе од милион граѓани.