Мајка на жртва од настрешницата во Нови Сад осми ден штрајкува со глад

Србија - Дијана Хрка

Дијана Хрка, мајка на млад човек кој загина по падот на настрешницата на железничката станица во Нови Сад минатиот ноември, штрајкува со глад во центарот на Белград осми ден по ред.

Таа бара кривично гонење на одговорните за смртта на нејзиниот син и на уште 15 други лица кои починаа при падот на настрешницата, слободување на сите притворени студенти и вонредни парламентарни избори.

Во изјава за телевизијата Н1, Хрка рече дека се чувствува добро и не се откажува од штрајкот.

Таа се осврна на фактот дека, во саботата навечер, претседателот на Србија, Александар Вучиќ, во изјава за Радио-телевизија Србија рече дека е подготвен да разговара со неа.

„Ако господинот претседател е подготвен да разговара и ако мисли дека сака да разговара, ќе дојде тука да разговара пред сите луѓе, пред сите медиуми. Ако се плаши од скандирање, тоа е негов проблем, а не мој“, рече Хрка.

Вучиќ изјави дека е подготвен да ја прими Дијана Хрка „секогаш и во секое време“ и дека е подготвен да ја посети, но дека разговорот треба да се одвива без „политичка претстава во која ќе бидат опкружени со 500 луѓе“ и без обиди за предизвикување инциденти.

Хрка штрајкува со глад од 2 ноември во непосредна близина на српскиот Парламент, откако полицијата не ѝ дозволи да го стори тоа на скалите од главниот влез во парламентот.

Секој ден, граѓаните се собираат таму за да ја поддржат.

Видете и ова: Блокада во Белград, молк за жртвите и поддршка за мајката на еден од загинатите

Во исто време, на платото пред Собранието пред неколку месеци беше поставена импровизирана шаторска населба на поддржувачи на владејачката Српска напредна партија (СНС).

Метална ограда и полициски кордони ги одделуваат двете групи луѓе.

Трагедијата во Нови Сад се случи само четири месеци откако зградата на станицата беше официјално отворена, по тригодишна реконструкција.

И покрај обвиненијата и истрагите против поранешни државни функционери, судења за несреќата уште не се започнати.

Несреќата предизвика бран антивладини протести што ги водат студенти веќе една година, барајќи политичка и кривична одговорност за падот на покривот на реконструираната железничка станица, што владата го отфрла.