Киев и многу украински региони се соочуваат со големи прекини на струја додека екипите се обидуваат да ги санираат штетите од руските напади.
Прекини на електричната енергија го погодија Киев и голем број украински региони на 9 ноември.
Државниот енергетски оператор „Укренерго“ предупреди дека во повеќето региони ќе има намалување на електричната енергија од осум до 16 часа.
„Тешко е да се сетам на толку многу директни удари врз електраните од почетокот на инвазијата“, изјави портпаролката на компанијата, Свитлана Гринчук, за украинските медиуми на 8 ноември.
Русија ја засили својата кампања за уништување на електроенергетската мрежа на Украина, како и на објектите и цевководите за природен гас, со цел замрзнување и деморализирање на украинското население.
Видете и ова: Орбан вели дека САД ќе ја исклучат Унгарија од санкциите за руска енергијаНајмалку седум лица беа убиени, а непознат број беа ранети во руските напади на 7 ноември, што го поттикна претседателот Володимир Зеленски повторно да ги повика сојузниците на Киев да ја казнат Русија и да извршат дополнителен притисок врз претседателот Владимир Путин.
Украинскиот министер за надворешни работи Андриј Сибиха изјави дека Русија ги таргетирала трафостаниците што ги снабдуваат двете нуклеарни централи.
„Ова не беа случајни, туку добро испланирани напади. Русија намерно ја загрозува нуклеарната безбедност на Европа“, напиша Сибиха на социјалната мрежа Икс. Тој повика на итен состанок на нуклеарното надзорно тело на Обединетите нации за да се решат „неприфатливите ризици“.
Украинските власти објавија дека Русија лансирала повеќе од 450 беспилотни летала и 45 ракети од различни видови на 8 ноември.
Од друга страна, руското Министерство за одбрана објави дека извршило „масовен напад со високопрецизно оружје со долг дострел од воздух, од копно и од море“ врз постројки за производство на оружје и енергетски постројки, како одговор на украинските напади во Русија.
Во регионот Полтава, воведени се вонредни намалувања на електричната енергија според посебен распоред нареден од Укренерго. Градот Кременчук, со околу 200.000 жители, пријави целосен прекин на електричната енергија, поради што се отворени привремени јавни пунктови кои им нудат на граѓаните греење, електрична енергија, интернет, вода и основна помош.
Москва го предупреди Вашингтон да не испраќа ракети „Томахавк“ во Украина, а рускиот претседател Владимир Путин го нарече таквиот потег „сосема нова фаза на ескалација“ во односите меѓу САД и Русија.
Во Днепар, руски дрон удри во деветкатна станбена зграда, при што загинаа најмалку три лица.
Од друга страна, Украина речиси секојдневно напаѓа со беспилотни летала врз руски енергетски објекти, со што значително ја намали способноста на Русија да произведува бензин и други нафтени производи.
Во руските погранични региони, како што се Белгород и Курск, Украина ја таргетираше електричната инфраструктура, како и градските топлификациски постројки.
Гувернерот на Белгород, Вјачеслав Гладков, на 9 ноември изјави дека повеќе од 20.000 луѓе останале без електрична енергија во неколку погранични региони.
Неофицијалните извештаи наведуваат дека градската топлификациска постројка во Воронеж, околу 200 километри источно од руската граница, била погодена од украински беспилотни летала.