„Супорт Кочани“ собра близу 11 милиони денари и ги подели на 137 лица

Втора распределба на парична помош од заедничката сметка за донации на „Супорт Кочани“

Граѓанската иницијатива „Супорт Кочани“ соопшти дека е извршена втора распределба од средствата од заедничката сметка за донации од близу 11 милиони денари.

Во објавената видео информација на фејсбук профилот на „Супорт Кочани“ се вели дека од вкупната сума од 10. 944.793 денари еден милион денари се за данок на државата. Останатите се еднакво распределени на 137 лица во износ од по 71. 900 денари за секој.

„Почитувани, транспарентно ја споделуваме информацијата за втората распределбата на средствата од заедничката сметка за донации преку „Супорт Кочани“ што беа собрани по трагедијата што нè погоди, стои во објавата на граѓанската иницијатива.

Средствата потекнуваат од компании, здруженија, групни акции и хуманитарни настани организирани во земјата и во странство.

Видете и ова: Почина Панчо од ДНК, пожарот во Кочани ја зеде 63. жртва

Граѓанската иницијатива „Супорт Кочани“ беше формирана со цел да им помогне на настраданите по пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани на 16 март во кој загинаа 63 лица, а повеќе од двесте беа повредени.

Судењето за пожарот во „Пулс“ ќе почне на 19 ноември во судницата во КПУ „Идризово“.

Ќе им се суди на 34 обвинети и на три фирми.

Според обвинението, објектот не ги исполнувал ниту минимално техничките услови за вршење угостителска дејност, немал одобрение за реконструкција, немал основен проект за реконструкција и елаборати како и посебен елаборат за заштита од пожари, експлозии и опасни материи, а не бил изработен и план и процена за заштита и спасување.