Втор круг локални избори во 18 општини во Косово

Косово - втор круг локални избори, 9 ноември 2025 година.

Граѓаните на Косово бираат нови градоначалници во 18 од 38-те општини во втор круг локални избори, бидејќи во првиот круг одржан на 12 октомври не беше избран градоначалник.

Овој изборен круг се смета за тест за силата на политичките партии на локално ниво, но и за индикатор за идните политички случувања на политичката сцена.

Втор круг има во следните општини: Призрен, Пеќ, Јуник, Драгаш, Ѓаковица, Качаник, Фуше Косово, Јужна Митровица, Раховец, Сухарека, Гњилане, Вити, Вуштри, Обилиќ, Клина, Мамуша и Клокот.

Видете и ова: Локални избори во Косово, на листите 206 кандидати за градоначалници

Се очекува најголемо внимание да привлече трката за главниот град - Приштина.

Повеќе од една деценија, Приштина е симбол на политичко соперништво меѓу Движењето „Самоопределување“ (ЛВВ) и Демократската лига на Косово(ЛДК).

На денешното гласање, се соочуваат Перпарим Рама од Демократската лига на Косово и Хајрулах Чеку од „Самоопределување“.

Разликата меѓу нив во првиот круг беше минимална - само 0,5 проценти.

Граѓаните на Приштина, со кои Радио Слободна Европа разговараше во последните денови, очекуваат новиот градоначалник да ги реши долгогодишните проблеми што го отежнуваат секојдневниот живот: преоптоварен сообраќај, недостаток на паркинг места, лошо управување со отпадот и намален број јавни простори.

Изборниот процес ќе се одвива во 525 гласачки центри, со вкупно 1.648 избирачки места.

Право на глас имаат повеќе од милион граѓани.