Русија ги интензивира нападите врз украинската енергетска инфраструктура

Украина - зграда погодена од рускиот напад врз Днипро, 8 ноември 2025 година.

Русија започна комбиниран напад со беспилотни летала и ракети во голем обем врз неколку региони на Украина ноќта меѓу 7 и 8 ноември, при што украински претставници нагласија дека енергетската инфраструктура и цивилните објекти се клучни цели.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски на 8 ноември изјави дека се лансирани повеќе од 450 беспилотни летала и 45 ракети од различни видови, опишувајќи ги нападите како напади насочени кон секојдневниот живот, станбените згради, енергетските објекти и инфраструктурата.

„За секој напад што Москва го почнува врз нашиот енергетски систем во обид да им наштети на обичните луѓе пред зимата, мора да има одговор во форма на санкции против целиот руски енергетски сектор, без исклучок“, напиша Зеленски на Телеграм, повикувајќи на зголемен меѓународен притисок врз Кремљ.

Видете и ова: Украина и Русија разменија воздушни напади врз клучна инфраструктура

Има итни прекини на електричната енергија во Полтавската област по посебен распоред, при што Кременчук пријави целосен прекин на електричната енергија и отворање „точки на стабилност“ - привремени јавни места кои нудат греење, електрична енергија, интернет, вода и основна помош.

Во Харков, снабдувањето со електрична енергија и вода беше прекинато; електричниот транспорт беше заменет со автобуси, а беа отворени и центри за греење.

Железничкиот сообраќај во Полтавската област, наводно, беше значително нарушен.

Меѓу цивилните жртви, рускиот напад со беспилотно летало погоди деветкатна станбена зграда во Дњепарк, уништувајќи станови на два ката, при што загинаа најмалку две лица.

„Мора да има европска одлука за замрзнатите руски средства, дополнителни санкции, поддршка и зајакнување на одбраната на Украина“, рече Зеленски.

Видете и ова: Трамп повторно ги намалува изгледите за испорака на „томахавки“ во Украина

Киев ги повика Соединетите американски држави (САД) да испорачаат ракети со долг дострел „Томахавк“ за да погодат цели длабоко во Русија, додека Москва ги засилува воздушните напади врз украинските градови, но претседателот Доналд Трамп постојано јасно става до знаење дека не е подготвен да одобри такви испораки.

Москва го предупреди Вашингтон да не испраќа ракети „Томахавк“, а Владимир Путин го нарече овој потег „сосема нова фаза на ескалација“ во односите меѓу САД и Русија.

Како што се приближува четиригодишната војна, Украина тврди дека ракетите „Томахавк“ ќе ги ослабат воените способности на Русија со тоа што ќе ја таргетираат нафтената и енергетската инфраструктура далеку од фронтовските линии.

Во меѓувреме, Украина изврши длабински напади врз руските енергетски објекти користејќи беспилотни летала, кои носат помали боеви глави од американските крстосувачки ракети.