Американскиот претседател Доналд Трамп го пречека својот унгарскиот гостин, премиерот Виктор Орбан во Белата куќа на 7 ноември. Посетата на Орбан на Белата куќа е негова прва откако Трамп се врати на претседателската функција.
Во меѓувреме, плановите Орбан да биде домаќин на Трамп и рускиот претседател Владимир Путин на самит во Будимпешта се ставени на „чекање“.
Главна тема : Изземање од санкциите за руската нафта
Се чини дека изземањето од американските мерки насочени кон ограничување на трговијата со руска нафта е клучна ставка на листата желби на Орбан во Вашингтон.
Унгарскиот сервис на РСЕ објави дека разговорите со извори во унгарската влада сугерираат дека тие сметаат дека е веројатен договор за изземање. Постои европски преседан, по одлуката минатиот месец привремено да се исклучи германската подружница на Роснефт од санкциите.
Белата куќа и Стејт департментот не коментираа на прашањата на Радио Слободна Европа.
„Тој побара изземање. Ние не го одобривме... Виктор е мој пријател. Тој побара изземање“, изјави Трамп за новинарите во авионот „Ер Форс Ван“ на 31 октомври.
Минатиот месец Вашингтон се одлучи за санкционирање на руската нафт. Воведе санкции против две од најголемите руски нафтени компании, државната Роснефт и приватната Лукоил, во обид да го принуди рускиот претседател Владимир Путин на разговори за ставање крај на неговата повеќе од тригодишна целосна инвазија на Украина. Овој потег може да ги изложи оние кои работат со нив на секундарни санкции.
Пред тоа, Трамп се закани со секундарни тарифи за земјите што увезуваат руска сурова нафта. Во септември, тој ги повика „сите нации на НАТО“ да запрат. Тој не ја спомна Унгарија по име, но минатиот месец тоа го направи еден од неговите највисоки дипломати.
„Унгарија, за разлика од многу нејзини соседи, не направи никакви планови ниту [презеде] какви било активни чекори“ кон одвикнување од руските енергетски резерви, рече американскиот амбасадор во НАТО, Мет Витакер, во интервју за Фокс Њуз објавено на 27 октомври.
Орбан не го криеше своето незадоволство околу ова прашање. Неодамна запрашан дали американските санкции отишле предалеку, тој рече „од унгарска гледна точка, да“.
Тој, исто така, рече дека запирањето на набавките на нафта би било „катастрофа“ што би ја довело економијата на неговата земја „на колена“.
Билатерални врски и потенцијален договор
Во соопштението на 5 ноември, унгарскиот министер за надворешни работи Питер Сијарто не го спомна прашањето, можеби за да ги ублажи очекувањата за договор во Вашингтон.
Сијарто рече дека билатералните врски уживаат „златно доба“ и дека разговорите ќе се фокусираат на економската и енергетската соработка, но не даде детали.
Еден извор од унгарската влада за Унгарскиот сервис на РСЕ изјави дека „навистина немаме многу да си понудиме“, но додаде дека Орбан може да се согласи да купи одреден американски течен природен гас, иако претходно го сметаше за неисплатлив во споредба со рускиот гас.
Ова, плус веројатно некои помали набавки на оружје и соработка со американски компании за цивилна нуклеарна енергија, може да биде дел од договорот quid pro quo што вклучува изземање од нафтените санкции.
Мирот во Украина и ставот на Орбан
Во соопштението на Сијарто, „мирот во Украина“ беше наведен како клучна тема за разговорите и повторена беше понудата Будимпешта да биде место за самит. Сепак, како што е наведено, надежите на Орбан да биде домаќин на средба Трамп-Путин се ставени на „мраз“ засега.
Позицијата на Орбан за Украина е главно непроменета од почетокот на целосната руска инвазија во февруари 2022 година: спротивставување на воената поддршка за Киев и обид да се спречат санкциите кон Русија.
Трамп, пак, на 22 октомври објави дека „секој пат кога разговарам со Владимир [Путин], имам добри разговори, а потоа не одат никаде“. Неговите коментари беа проследени со новите нафтени санкции, потег што Путин го осуди како „непријателски“.
Членство на Украина во ЕУ
Во август, „Блумберг“ објави дека Трамп му се јавил на Орбан, повикувајќи го да престане да ги блокира разговорите за членство на Киев. Сепак, Сијарто го негираше ова. Во пресрет на посетата на Орбан, прашањето повторно се појави.
Запрашан дали Трамп изразил поддршка за членството на Украина во ЕУ на 4 ноември, украинскиот претседател Володимир Зеленски рече дека „Доналд Трамп ја поддржува Украина како иден член на ЕУ“. Тој додаде:
„Разговаравме за блокирање на некои точки од страна на унгарскиот лидер. И го замолив претседателот Трамп, ако ме поддржува во тоа, да ни помогне. Значи, тој ми рече дека ќе направи сѐ што е можно“.
Истиот ден, Орбан возврати на социјалните мрежи.
„Унгарија не го поддржува и нема да го поддржи членството на Украина во Европската Унија, бидејќи тоа би ја донело војната во Европа и ќе ги изнесе парите на Унгарците во Украина“, напиша тој.
Унгарскиот сервис на Радио Слободна Европа
Како посебен развој во пресрет на разговорите Трамп-Орбан, Кари Лејк, вршителот на должноста извршен директор на Агенцијата за глобални медиуми на Соединетите држави, на 5 ноември го извести Конгресот за акција за прекинување и повеќе не финансирање на Унгарскиот сервис на RFE/RL бидејќи „не е усогласен со националните интереси на САД“. Овој сервис беше повторно лансиран во 2020 година по налог на Конгресот на САД.