Mерка притвор од 30 дена добија четворица од петтемина осомничени за давање и примање поткуп, меѓу кои и на актуелниот директор на Агенцијата за финансиска поддршка во земјодeлството.
Основниот кривичен суд Скопје попладнево соопшти дека притворите на четворица од осомничените им се изречени поради опасност од бегство, можноста за влијание врз сведоци и повторување на делото.
Петмина осомничени за поткуп се приведени во вчерашната акција во која се вршеа полициски претреси на повеќе локации низ државата.
Обвинителството донесе наредба за спроведување истражна постапка против сите осомничени.
Во описот за случајот, оттаму велат дека првоосомничениот, како управител на правно лице, од февруари годинава до вчера, во повеќе наврати, директно и преку посредници му ветувал подарок – парични средства на директорот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и рурален развој на РСМ.
„Другите тројца осомничени, од кои еден е даночен референт во Управата за јавни приходи (УЈП) РД Скопје, а друг е државен службеник вработен во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ), ги искористиле своето реално влијание и службената положба и побарале и го поттикнале директорот на Агенцијата да изврши службено дејствие што не смеел да го изврши“, се вели во соопштението од Обвинителството.
Видете и ова: Акција на ОЈО ГОКК поради сомнежи за дела од „коруптивна природа“Во него е посочено дека иако фирмата на првоосомничениот не ги исполнувала условите предвидени во Јавниот повик бр. 01/24 за доставување на барања за користење на средства од ИПАРД-програмата за мерка 3, директорот на Агенцијата, по применото ветување за подарок во износ од 50 илјади евра, вчера потпишал договор за користење финансиски средства со правното лице.
Притоа, примил и дел од паричните средства во износ од 400 евра, кои при претрес се пронајдени кај него и му се одземени. Јавен обвинител до судија на претходна постапка при Кривичниот суд Скопје предложи определување мерка притвор за петтемина осомничени.