Отпуштени 400 луѓе и нови автобуси, првиот работен ден на градоначалникот Ѓорѓиевски

Нови автобуси и отпуштени 400 вработени во јавните градски претпријатија, се информациите кои ги соопшти новиот градоначалник на Скопје, Орце Ѓорѓиевски по првите 24 часа од преземањето на функцијата.

Тој на прес конференција соопшти дека од понеделник во јавниот градски превоз ќе бидат вклучени 55 нови приватни автобуси со цел да се олесни јавниот транспорт на скопјани.

Ѓорѓиевски, од ВМРО-ДПМНЕ, на 6 ноември ја презеде функцијата од досегашната градоначалничка, Данела Арсовска. Во текот на вечерта најави, а денеска и соопшти дека во првите 24 часа од неговиот мандат од работа биле отпуштени околу 400 луѓе кои, како што вели тој, земале плата од јавните претпријатија, но не работеле.

„Имало и работници и раководители. Убеден сум дека ќе дојдеме до бројка од 500 луѓе. Таква бројка да земале плата – тоа се најмалку 5 милиони евра од граѓаните годишно. За четири години тоа се 20 милиони евра. Во превод – тоа е Луна паркот што треба да го направиме, а го чекаат скопјани,“ изјави Ѓорѓиевски.

Градоначалникот најави дека ќе бара одговорност од сите лица кои потпишувале документи и одобрувале вакви вработувања, истакнувајќи дека сите имиња ќе бидат јавно објавени, и дека неговата постапка е законска.

Но, засега нема информации во јавноста, кој ја направил ревизијата на работните задачи и договорите за вработување на овие 400 луѓе во изминативе 24 часа.

На денешната прес конференција Ѓорѓиевски посочи дека со приватните превозници разговарал за да се финализира нивното вклучување во јавниот транспорт и рече дека ги потпишал лиценците на превозниците.

„Како што најавив, од денеска ќе бидат ставени во функција 60-тина приватни автобуси, дополнително кои што ќе го олеснат транспортот на нашите сограѓани во градот Скопје“, изјави Ѓорѓиевски.

Јовица Зафировски, претставник на приватните превозници, рече дека изминатиот период работеле на обнова на возниот парк и оти можат да одговорат на потребите на Град Скопје

„Во периодот што следува ќе работиме на промена на возниот ред кој за кратко време ќе биде воведен и почитуван и автобусите ќе пристигнуваат навреме, како што пишува на таблите“, рече тој.

Според Зафировски , долгот што Град Скопје го има кон нив е околу 3 милиони евра.

Видете и ова: Ѓорѓиевски ја презеде функцијата од Арсовска, најави чистење на Скопје и брз ребаланс на буџетот

Ѓорѓиевски посочи дека наредната недела ќе има уште еден состанок со превозниците на кој ќе се договори рокот во кој ќе бидат редовно исплаќани за нивните услуги кон граѓаните, а ќе се договори и возниот ред.

Во однос на тоа што дел од автобусите сè уште се со странски регистарски таблички, Зафировски рече дека мора да помине процедурата за царина, хомологација, да се бојадисаат во црвено-бела боја и потоа да се поднесе барање за лиценца во Град Скопје.

На новинарско прашање во врска со тоа дали е потребно да се распише оглас за вклучување на приватните превозници во јавниот превоз и да се донесе одлука од Советот на Град Скопје за нови линии, Ѓорѓиевски не даде конкретен одговор, но рече дека досега на приватниците не им биле потпишувани лиценците.

Скопје изминатиот период се соочи со комунален колапс. Контејнерите беа преполни, јавното претпријатие „Комунална хигиена“ не го чистеше ѓубрето, а Јавното обвинителство отвори истрага во рамки на која во притвор се поранешниот директор на претпријатието и еден од раководителите.

Чистењето на градот за 72 часа беше едно од најгласните ветувања на Ѓорѓиевски во текот на кампањата. Арсовска и дел од опозицијата, пак, ја обвинуваа партијата ВМРО-ДПМНЕ дека со нејзините членови во Управниот одбор на „Комунална хигиена“ намерно го кочат собирањето на ѓубрето во главниот град.

Покрај чистењето на Скопје, новиот градоначалник најави и брз ребаланс на градскиот буџет со цел да се обезбедат пари за почнување на нови проекти, но и за откочување на некои што се закочени повеќе години, како што е клучката кај Момин поток за решавање на сообраќајниот хаос во тој дел од градот, но и пуштање во функција на двата нови моста на реката Вардар - едниот во Карпош, другиот меѓу Аеродром и Гази Баба.