Бугарскиот парламент во петокот усвои законски измени за ставање на рафинеријата на Лукоил во источниот дел на земјата под државна контрола, по санкциите на САД против рускиот нафтен гигант.
Парламентот го одобри амандманот, чија цел е да се спречи затворањето на постројката. Пратениците од владејачкото мнозинство усвоија измени на закон со кои ќе му овозможат на менаџер- назначен од државата да управува и продава делови од бизнисот на Лукоил во Бугарија.
Ова се случи во исклучително брза постапка, во рок од неколку часа на 7 ноември. Амандманите беа додадени на дневен ред, а потоа се гласаше без дискусија околу 30 секунди во собраниската комисија за енергетика. По што следеше експресно усвојување во пленарната сала - и на прво и на второ читање.
Според опозицијата, овој потег се толкува како „панична акција “ и обид средствата на Лукоил во Бугарија да се стават под контрола на Делјан Пеевски , кој е санкциониран за корупција
Потегот на владејачките партии во Собранието наиде и на критика од бугарскиот претседател Румен Радев, кој смета дека е загрижувачки потег и дека државната интервенција во управувањето со бугарските средства на Лукоил треба да биде само „последно средство, итна опција“.
Воведувањето на специјален администратор е една од опциите за обезбедување на континуирано работење на рафинеријата за нафта „Лукоил“ во Бургас откако на 21 ноември ќе почнат да се спроведуваат санкциите на САД против „Лукоил“ и нејзините подружници.
Вашингтон ги воведе санкциите поради војната на Русија против Украина.
Видете и ова: Швајцарскиот „Гунвор“ се откажа од купување на рускиот „Лукоил“ во странствоНазначувањето на специјален администратор го спомена премиерот Росен Жељазков како опција што владата ја разгледува за да ја одржи рафинеријата во функција.
Ова се случи првиот ден по веста за санкциите, но досега не е пријавено никаква акција во оваа насока. Другите две опции што ги дискутираа експертите беа Бугарија да побара ослободување од санкциите или Лукоил да ја продаде рафинеријата.
Собраниската комисија за 30 секунди го усвои предлогот
Во Собранието предлог измените поминале за 30 секунди, без присуство на опозицијата, јавува бугарскиот сервис на Радио Слободна Европа.
Видео-снимката од седницата покажа дека тој траел околу 30 секунди. Не се чекало да пристигнат претставници на партиите надвор од владејачкото мнозинство, а претседателката на собраниската комисија Павела Митова, го прочита предлогот екстремно брзо и го стави на гласање.
Меѓу главните критики на опозицијата беше тоа што во измените на законот се наведува дека што и да прави специјалниот управител, неговите акти и дејствија се необжаливи (конечни) и не подлежат ниту на административна ниту на судска контрола.
„Ова е грабежот што го подготвувате“, рече Цончо Ганев од Вазраждане.
И Ивајло Мирчев од ПП-ДБ го обвини мнозинството дека сака само да постави „менаџер на фасади“, зад кого, сепак, стои лидерот на ДПС, Делјан Пеевски .
„Ова не го спасува бугарскиот пазар на гориво, ова е само преземање на рафинеријата од страна на Пеевски“, рече Мирчев од собраниската говорница.
„Специјалниот менаџер- управител добива целосна контрола врз капиталот, вклучувајќи го и правото да ја продаде рафинеријата, а сопствениците немаат право на жалба. Ова не ја запира Русија. Ова овозможува мафијашка контрола врз овој стратешки имот, без суд и без контрола“, напиша на Фејсбук и Кирил Петков од Народната партија.
Претходно, самиот Пеевски, кој е санкциониран за корупција, ги бранеше предлозите и ја обвини ПП-ДБ за „хистерија“ пред новинарите.
Владејачкиот потег беше критикуван и од бугарскиот претседател Румен Радев. Тој го опиша воведувањето на специјален државен менаџер во Лукоил како „последно средство, итна опција“.
„Загрижен сум дека државата во моментов, оние што ја владеат, лесно можат да нè доведат до сценариото Булгартабак. И ова е исклучително загрижувачко“, рече Радев.
Според него, наместо тоа, рафинеријата во Бургас треба да има сигурен сопственик кој има капацитет да ја развие.
Како дојде до тука ?
Во октомври, САД воведоа санкции врз руските нафтени гиганти Лукоил и Роснефт.
Ова директно влијае на Бугарија бидејќи санкциите врз средствата на Лукоил влијаат на рафинеријата во Бургас поради одбивањето на сите договорни страни да вршат плаќања кон компаниите.
Ова, пак, создава ризик од криза со горивото. Сепак, бугарската влада сè уште не го соопштила својот план за тоа како ќе се справи со ситуацијата. Санкциите на САД треба да стапат во сила на 21 ноември.