Москва бара објаснување од Вучиќ

Марија Владимировна Захарова, портпаролка на Министерството за надворешни работи на Руската Федерација (МНР на Русија).

Руското Министерство за надворешни работи побара од Белград да ја појасни изјавата на српскиот претседател, Александар Вучиќ, во врска со можната продажба на муниција на Европската унија, јавува новинската агенција Ројтерс.

Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, на редовниот брифинг на 7 ноември рече дека Москва бара појаснување за објавата на Вучиќ дека Србија е подготвена да продава муниција на земјите од ЕУ, „дури и ако би можела да заврши во Украина“.

„Србија повеќепати ја уверуваше Русија дека нејзината муниција нема да доспее во украински раце. Затоа, коментарите на Вучиќ бараат официјално објаснување од Белград“, рече Захарова на 7 ноември во Москва.

Германскиот магазин за политика и култура „Cicero“ објави интервју со претседателот на Србија на 30 октомври, во кое, како што се наведува, Вучиќ изразил подготвеност на Србија да извезе поголеми количини муниција во ЕУ и дека нема проблем со тоа доколку таа заврши на бојното поле во Украина.

„Купувачите нека прават со стоката што сакаат“, изјави Вучиќ во интервјуто за Cicero.

Одговорот на Србија

Србија не испорачува вооружување и воена опрема на страните во конфликтот каде било во светот, соопшти на 7 ноември државната секретарка во Министерството за надворешни работи на Србија (МНР), Невена Јовановиќ.

Таа, реагирајќи на изјавата на Захарова, наведе дека Белград строго се придржува до меѓународните прописи и правилата на Обединетите нации.

Додаде дека српското МНР изразува изненадување од коментарот на Захарова во врска со оваа тема.

„Посочуваме дека Србија е суверена и независна држава која одлуките ги носи исклучиво во согласност со своите национални интереси. Од претставниците на пријателските држави очекуваме уважување на тој факт“, објави Јовановиќ.

Таа наведе и дека Србија е единствената земја во Европа надвор од Заедницата на независни држави (сојуз на десет држави од поранешниот Советски Сојуз) која не вовела санкции кон Руската Федерација.

„Вреди да се потсети дека нашата земја од декември 2021 година не отвори ниту едно поглавје во процесот на пристапување кон Европската унија, иако можеше. Интересно е, секако не случајно, што тој датум се совпаѓа со почетокот на војната во Украина“, заклучи државната секретарка Јовановиќ.

Таа додаде дека Србија, како што наведе, и понатаму ќе ја води политиката во согласност со сопствените интереси.

Какво оружје поседува Србија ?

Весникот „Украинска правда“ по интервјуто на Вучиќ за „Cicero“ објави дека складиштата за муниција во Србија се полни, со особено големи резерви на минофрлачки гранати.

„Србија е подготвена на пријателите во Европа да им понуди сè што има и тоа е феноменален придонес за европската безбедност“, рече Вучиќ, пишува Cicero.

Додаде дека Србија е апсолутно подготвена да соработува со ЕУ по воени прашања и дека чека одговори од европските земји на нејзиниот предлог.

Москва потоа реагираше со изјавата на портпаролот на претседателот на Руската Федерација Владимир Путин, Дмитриј Песков, дека Русија разбира „каков невиден притисок се врши врз Србија“ и прашањето за извозот на српско оружје го опиша како „никако едноставна приказна“.

Руската Служба за надворешно разузнавање (СВР) во јуни соопшти дека српските фирми го зголемувале индиректното испорачување оружје на Украина преку земји од ЕУ како Чешка и Бугарија.

Белград во исто време соопшти дека го запрел извозот на муниција, вооружување и воена опрема произведена во Србија, по критиките од Москва и во екот на израелско-иранскиот конфликт.

Претседателот Вучиќ изјави на 23 јуни дека муницијата до понатамошно ќе биде испорачувана само во домашните касарни и ја потврди својата изјава за израелските медиуми дека Србија, по нападот на палестинското движење Хамас на Израел на 7 октомври 2023 година, продавала муниција на Израел.

„Денес ситуацијата е поинаква. Запревме буквално сè“, рече Вучиќ.

Министерството за одбрана на Србија и Министерството за внатрешна и надворешна трговија не одговорија на прашањата на Радио Слободна Европа упатени на 6 ноември - дали од 23 јуни, кога беше донесена одлуката, до денес од Србија е извезено вооружување и воена опрема.

Белград повеќепати демантираше дека Србија директно извезува оружје во Украина или Русија и соопшти дека не може да влијае дали српското оружје од трети земји ќе заврши на украинскиот фронт.

Колку извезува Србија не е познато бидејќи извештаите од Министерството за трговија ги нема со години. Последниот таков документ, е објавен за 2022 година. Во тој извештај стои дека во периодот од 2005 до 2022 година, вкупната вредност на реализираните извозни дозволи за стока со двојна намена е 77,97 милиони долари.

Од друга страна, Србија ги известува меѓународните организации за извозот на оружје. Годишните извештаи на Србија за извоз и увоз на конвенционално оружје од 2015 до 2024 година се достапни на страницата на Arms Trade Treaty (ATT) – меѓународниот Договор за трговија со оружје, со седиште во Женева, чиј потписник е 166 земји. Во нив се гледа структурата на извозот, но не и вредноста.

Според извештајот на ATT, Србија во 2024 година извезла 16.185 артилериски системи од голем калибар во Азербејџан (6.500), Бугарија (6.250), САД (1.757), Јужна Африка (1.310), Уганда, Обединетите Арапски Емирати, Малави, Израел, Турција, Индија и Нигерија.