Унгарија ќе потпише договор за соработка во нуклеарната енергија со САД, вклучувајќи договор за купување американско нуклеарно гориво и американска технологија за складирање на потрошено гориво во нуклеарна централа изградена во Русија, изјави во петок (7 ноември) унгарскиот министер за надворешни работи, Петер Сијарто.
Договорот ќе биде потпишан за време на средбата на американскиот претседател Доналд Трамп со унгарскиот премиер Виктор Орбан подоцна денеска, а се очекува двајцата лидери да разговараат за зависноста на Унгарија од руска нафта.
„Ќе потпишеме голем меѓувладин договор за соработка во нуклеарната енергија со мојот колега министер за надворешни работи Марко Рубио“, рече министерот за надворешни работи Петер Сијарто.
Унгарија е една од ретките земји од ЕУ што одржува блиски односи со Москва по руската инвазија на Украина и не сакаше да ја намали својата зависност од руската енергија.
Трамп е поддржувач на десничарскиот лидер Орбан, но ги повика европските земји да ги намалат енергетските врски со Москва и да купат повеќе енергија од САД.
Видете и ова: Орбан ќе бара од Трамп ослободување од санкциите за руската нафтаСијарто рече дека Унгарија ќе купи американско нуклеарно гориво за својата нуклеарна централа изградена во Русија во Пакш за да ги задоволи своите растечки енергетски потреби.
Руската компанија „Росатом“ моментално гради два нови реактори во Пакш. Проектот за проширување „Пакш II“, кој значително се одложи, му беше доделен во 2014 година на „Росатом“ без тендер.
„Покрај одржувањето на постојните односи со добавувачите, за прв пат во енергетската историја на Унгарија ќе купиме и американско нуклеарно гориво“, рече Сијарто.
Унгарија ќе купи и американска технологија што ќе овозможи безбедно складирање на потрошеното нуклеарно гориво во нуклеарната централа Пакш, додава Сијарто во соопштението.
Министерот рече дека договорот ќе ги опфати и малите модуларни нуклеарни реактори.
Во август, Унгарија објави дека соработува со полската компанија „Синтос Грин Енерџи“, која ги држи правата за технологијата на „ГЕ Вернова Хитачи“ на мали модуларни реактори во централна Европа.