Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски и неговиот бугарски колега Гроздан Караџов денеска, 6 ноември ќе го потпишат Договорот за подготовка, изградба и оперативност на меѓуграничниот железнички тунел на Коридорот 8.
Церемонијата на потпишувањето ќе биде организирана на железничката станица Ѓуешево, а предвидено е да присуствуваат претставници на Европската комисија, на НАТО, на САД, на Европската инвестициска банка, на Европската банка за обнова и развој, како и претставници на Светска банка.
Изградбата на железничкиот тунел ќе претставува меѓугранична точка на двете држави на Коридорот 8. Проектираната должина на тунелот е околу 2,4 километри од кои 1,2 се на територијата на Македонија.
„Изградбата на железничкиот Коридор 8, покрај економското значење за Македонија и регионот, има и безбедносно значење во рамки на НАТО. Во таа насока, на источниот Коридор 8 веќе е изградена и пуштена за сообраќај пругата од Куманово до Бељаковце“, наведуваат од Министерството за транспорт и врски.
Видете и ова: Скопје и Софија се договорија да го финализираат договорот за Коридорот 8Делницата од Бељаковце до Крива Паланка е во фаза на изградба, а интензивно се работи и на подготовка за третата делница од Крива Паланка до границата со Република Бугарија која во продолжение ќе го опфати и тунелското решение.
Македонија и Бугарија, по повеќемесечен застој, на крајот на јуни на министерско ниво постигнаа договор за придвижување на работите за железничкото поврзување. Следуваше состанокот на делегации на двете држави на 16 јули во Брисел на кој беа идентификувани приоритетите меѓу кои и повторно објавување на тендерот за работите на железничкиот дел помеѓу Крива Паланка и влезот на прекуграничниот тунел до крајот на годинава од страна на државава.