Српскиот претседател Александар Вучиќ разговараше по телефон со украинскиот претседател Володимир Зеленски за односите меѓу Србија и Украина, европската интеграција и „меѓународната агенда за наредниот период“.
„Се согласивме дека постои простор за меѓусебна поддршка на која ќе продолжиме да работиме заедно“, објави Вучиќ на Инстаграм без да даде детали.
Тој додаде дека се согласиле да одржат отворени канали за комуникација во наредниот период.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски објави на мрежата X дека тој и Вучиќ разговарале и за можностите за соработка во регионалната безбедност.
„Нашите земји го делат овој интерес и ние ќе работиме на него. Ја разгледавме меѓународната агенда за блиска иднина и се согласивме да останеме во контакт и да продолжиме со координацијата“, напиша Зеленски.
Видете и ова: Трамп повторно ги намалува изгледите за испорака на „томахавки“ во УкраинаСрбија е една од ретките европски земји што не се придружи на санкциите против Русија за нејзината инвазија врз Украина, но го поддржа територијалниот интегритет на Украина.
Србија постојано испраќа хуманитарна помош во Украина, која е под руска инвазија од февруари 2022 година.
Официјален Белград постојано негираше дека Србија директно извезува оружје во Украина, наведувајќи дека „не може да влијае“ дали српското оружје од трети земји ќе заврши на украинскиот фронт.