Високиот комесар на Обединетите нации за човекови права, Волкер Турк, ги повика српските власти да обезбедат одговорност за смртните случаи предизвикани од уривањето на настрешницата на главната железничка станица во Нови Сад на 1 ноември 2024 година, во кое загинаа 16 лица.
„Немаше значаен процес на откривање на вистината за трагедијата, и покрај барањата на десетици илјади граѓани кои излегоа на улиците барајќи правда“, рече Турк во соопштението на Канцеларијата за човекови права на ОН.
Во текот на изминатата година, институциите во Србија не успеале да утврдат никаква одговорност во случајот. Вишото јавно обвинителство во Нови Сад води кривична постапка против 13 осомничени, меѓу кои и поранешниот министер за транспорт Горан Весиќ, но обвинението беше враќано на измена. Во исто време, Вишото обвинителство во Белград го потврди обвинението за причината за уривањето, а српското обвинителство за организиран криминал спроведува финансиска истрага за можна корупција во реконструкцијата на станицата.
Видете и ова: Мајката на загинат во Нови Сад го продолжи штрајкот со глад, полицијата приведе 37 лицаТурк нагласи дека е потребно да се спроведат независни и ефикасни истраги и дека судските процеси против лицата за кои се тврди дека се одговорни се во застој. „Треба да се донесе одлука, бидејќи застојот ја намалува довербата на граѓаните во владеењето на правото“, рече тој.
Тој исто така ги повика властите да истражат наводите за произволни апсења и физички напади на мирни демонстранти и новинари за време на протестите, како и за непропорционалната употреба на сила од страна на полицијата. „Сторителите останаа неказнети, а инцидентите се повторуваат“, додаде Турк.
Високиот комесар истакна дека Србија има обврска да го почитува правото на собирање и да ги казнува сторителите. „Судството ослободено од политички притисок е начинот да се зачува довербата во владеењето на правото“, заклучи Турк.