Колегиумот на Јавното обвинителство за организиран криминал во Србија на 4 ноември објави дека српскиот претседател Александар Вучиќ се обидел да „врши несоодветно и неовластено влијание врз ова обвинителство“ во јавно појавување претходниот ден.
Со оваа изјава, обвинителството реагираше на гостувањето на српскиот претседател во емисијата „Kирилица на Миломир Мариќ“ емитувана на 3 ноември на телевизијата Прва.
За време на тоа појавување, Вучиќ ги нарече одредени обвинители од Обвинителството за организиран криминал „криминалци“ и „корумпирана банда“.
„Еве ви кажувам дека сте корумпирана банда во обвинителствата, во повеќето обвинителства, дека имате под ваша контрола колку што сакате корумпирани судии со кои работите, но исто така мислам дека мнозинството и од обвинителите и од судиите се чесни и одговорни луѓе“, изјави Вучиќ за телевизијата Прва, како што објави Бета.
Според него, „таа корумпирана банда, од одредени обвинителства, го измисли случајот со реновирањето на Генералштабот“.
Имено, истрагата на обвинителството за фалсификување документи врз основа на кои српската влада го поништи статусот на културно наследство на оштетените згради на Генералштабот во Белград е во тек.
Намерата за изградба на луксузен хотел на тоа место ја изрази на почетокот на 2024 година Џаред Кушнер, зет на американскиот претседател Доналд Трамп, а српскиот претседател претходно изјави дека е „воодушевен“ од проектот.
Видете и ова: Српскиот парламент го забрзува одобрувањето на градежниот проект на Џаред Кушнер во БелградКолегиумот на Јавното обвинителство за организиран криминал во соопштението од 4 ноември изјави дека претседателот на Србија „ги пречекорил и злоупотребил своите овластувања доделени со закон и Устав“ коментирајќи ги тековните кривични истраги.
„Со навредливи и невистинити изјави, Александар Вучиќ повторно ги таргетира вршителите на должноста обвинители и се обидува да изврши неовластено влијание врз исходот од покренатите постапки од позиција на авторитет и моќ на претседателот на Републиката, тврдејќи дека станува збор за „фабрикувани случаи““, се вели во соопштението.
Обвинителството, исто така, изјави дека овие изјави создаваат слика за „незаконско однесување и атмосфера на линч, директно попречување на правдата, што го поткопува уставниот и правниот поредок и владеењето на правото“.
Обвинителството за организиран криминал, исто така, во јули тврдеше дека било предмет на директен притисок и неовластено влијание од страна на владини претставници кога изјавите на службени лица со кои се дискредитира работата на специјалниот обвинител Младен Ненадиќ се појавија во провладините медиуми.
Обвинителството за организиран криминал, меѓу другото, ја презеде работата на случај поврзан со финансирањето на проектот за реновирање на железничката станица во Нови Сад по уривањето на настрешница на таа зграда, во која загинаа 16 лица.