Руски воздушни напади врз Покровск, погодена цивилната инфраструктура

Украински војници во близина на градот Покровск

Руските воздушни напади погодија цивилни цели во Украина, соопштија украинските власти на 3 ноември, при што неколку лица загинаа, а станбени згради беа сериозно оштетени. Москва истовремено соопшти дека извела масовни напади додека нејзините трупи продолжуваат да напредуваат кон клучниот град Покровск.

На источните и јужните приоди кон Покровск, руските сили во последните недели полека напредуваат, заземајќи патишта, постепено прекинувајќи линии на снабдување и вршејќи притисок врз украинската одбрана.

Руското Министерство за одбрана соопшти дека во текот на ноќта на 3 ноември нападнало воени и индустриски објекти, вклучително и украински воен аеродром, база за поправка на воена опрема, воено-индустриски капацитети, како и гасна инфраструктура што ги поддржува.

Тврдењата не можат независно да се потврдат, додека украинскиот 7. корпус за брз одговор соопшти дека операциите за чистење на градот од руските трупи продолжуваат, при што украинските сили спречиле обид за пресекување на линијата на снабдување од Родинске кон север.

Видете и ова: Украина нападнала руски нафтен објект во Црното Море, продолжува битката за Покровск

Покровск се наоѓа на раскрсница на два главни автопати — едниот што води западно кон Дњепропетровската област и градот Дњепро, и другиот што води североисточно кон градот Костјантивка, кој претставуваше клучна точка на украинската одбрана на централните и јужните делови од фронтот долг 1.100 километри.

Во меѓувреме, гувернерот на украинската Доњецка област, Вадим Филашкин, изјави дека во текот на ноќта загинале три лица, додека локалните власти во североисточната област Суми соопштија дека едно лице загинало во посебен напад.

Олександр Прокудин, гувернерот на областа Херсон, рече дека руската војска во текот на ноќта напаѓала повеќе градови и населени места во таа област.

„Поради руската агресија, едно лице загина, а осум се повредени“, рече Прокудин.

Гувернерот на Дњепропетровската област, Владислав Хајваненко изјави дека руските ракети предизвикале пожар во деловна зграда и повредиле едно лице, додека гувернерот на регионот Харков, Олег Синехубов, рече дека 13 градови и населени места, вклучувајќи го и главниот град на областа Харков, биле цел на руски дронови и ракети во текот на ноќта. Пет лица се повредени.

Првиот заменик-началник на Ингулскиот округ во градот Миколаив, Антон Ужва, изјави за Радио Слободна Европа дека руски воздушен напад утрото погодил и оштетил локален хипермаркет за градежен материјал.

Видете и ова: Киев ја обвини Русија за „нуклеарен тероризам“ со напади врз трафостаници

„Оштетени се и пет повеќекатници, најчесто се скршени прозорците. За среќа, никој не е сериозно повреден“, рече Ужва.

Новинарите на Радио Слободна Европа известија од лице место дека зградата на хипермаркетот е сериозно оштетена, вклучувајќи го покривот и неколку уништени ѕидови.

Локалната жителка Наталија изјави за Радио Слободна Европа дека тоа подрачје редовно е изложено на руски воздушни напади.

Официјалните претставници на украинската противвоздушна одбрана соопштија дека руската војска во текот на ноќта користела 150 дронови и ракети во нападот.