ВМРО-ДПМНЕ слави победа во Кичево и Карпош, ЗНАМ во Куманово

Александар Јовановски и Сотир Лукровски

Поддржувачите и кандидатите за градоначалници на ВМРО-ДПМНЕ веќе слават победа во Кичево и во скопски Карпош.

„Драги мои карпошани, сакам да ви се заблагодарам на сите за огромната поддршка и да ја објавам историската победа на ВМРО-ДПМНЕ во Карпош“, изјави Сотир Лукровски, кандидатот на владејачката партија за Карпош.

Тој во вториот круг се натпреваруваше со актуелниот градоначалник Стевчо Јакимовски од ГРОМ.

ВМРО-ДПМНЕ прогласи победа и во Кичево

„Победи заедништвото, победи Кичево!“, објави на социјалните мрежи и кандидатот на партијата во Кичево, Александар Јовановски.

Негов противкандидат во вториот круг беше актуелниот градоначалник Фатмир Дехари.

Видете и ова: НАИ посочи на нерегуларности, ВРЕДИ очекува победа

Во Куманово, пак, актуелниот градоначалник и лидер на ЗНАМ, Максим Димитриевски, прогласи победа. Тој соопшти дека веќе добил честитка од неговиот противкандидат Горан Стојковски. Во изјавата по прогласувањето на победата, Димитриевски им се заблагодари на партнерите од владината коалиција за поддршката, посебно на ВМРО-ДПМНЕ. Прашан за нискиот одѕив на гласачите, Димитриевски рече дека пораката од граѓаните е примена.

Според податоците на Државната изборна комисија (ДИК), во Кичево обработени се 85,43% од избирачките места, а Јовановски е во водство со околу 2.000 гласа.

Во Карпош, пак, на речиси 90% обработени избирачки места, Лукровски води со околу 1.200 гласа.
Во Куманово, на обработени, Димитриевски е во водство со нешто повеќе од 1.000 гласови на обработени 98% од избирачките места, според ДИК.

Првичните податоци на ДИК, покажуваат дека владејачката ВМРО-ДПМНЕ води во 21 општина. ВРЕДИ (ВЛЕН) во четири, СДСМ во три, а во по една Унијата на Роми и ЗНАМ.