Обвинителство: Изборниот ден помина без поголеми нарушувања

Јавно обвинителство на Северна Македонија (фотоархива).

По затворањето на избирачките места во вториот круг од локалните избори во Северна Македонија, Јавното обвинителство излезе со оценка дека изборниот дел поминал „без поголеми нарушувања на изборниот процес“.

„До јавното обвинителство во текот на денешниот ден е доставено само едно известување на подрачјето на Шуто Оризари за фотографирање на гласачко ливче. Итно се дадени насоки за документирање на настанот кој претставува прекршок“, соопштија од Јавното обвинителство.

И покрај мирниот изборен ден, оттаму додаваат дека Комисијата која е формирана за следење на евентуални кривични дека поврзана со изборите, ќе остане активна до целосно завршување на изборниот процес.

Видете и ова: Заврши гласањето, се очекуваат првичните резултати

Во вториот круг од локалните избори, се бираат градоначалници на 33 општини, вклучително и во Градот Скопје.

Единствено во Шуто Оризари на три избирачки места имаше прегласување и за членовите на советот поради утврдени недоследности од страна на Државната изборна комисија во првиот круг.

Во првиот круг на 19 октомври беа избрани градоначалници во 44 општини. Од нив, најмногу освои владејачката ВМРО-ДПМНЕ – 33. Владиниот коалициски партнер ВРЕДИ тогаш освои пет градоначалнички места, а по три освоија опозициските СДСМ и коалицијата НАИ, којашто е предводена од ДУИ.