Националната алијанса за интеграција (НАИ), коалицијата предводена од Демократската унија за интеграција (ДУИ) посочи за нерегуларности за време на изборите додека од коалицијата ВРЕДИ оценија дека гласањето се одвивало без „некои неправилности и во духот на граѓанската одговорост“, на првите прес-конференции по затворањето на гласачките места на вториот круг од локалните избори.
„Успешно се соочивме со нечесна и незаконска кампања кои го оцрнија процесот и ја нарушуваат еднаквоста на изборниот процес. Сведоци сме на масовно купување гласови, изборен асфалт, ноќно бетонирање, злоупотреба на јавните ресурси и брутална вмешаност на државниот апарат во корист на власта. Сепак и покрај сите тие злоупотреби граѓаните не дозволија овие темни методи да го искриват резултат во првиот круг. Затоа сме убедени дека нема да успеат да го искриват ниту сега, во вториот круг“ рече Арбер Адеми, портпарол на НАИ.
Во ВРЕДИ очекуваат од Државната изборна комисија(ДИК) фазата на затворање и броење на гласовите да се спроведе како и во првиот круг, „со целосна транспарентност, точност и професионализам во согласност со законот и со волјата на граѓаните“.
„Според нашите информации од теренот, кандидатите на коалицијата ВРЕДИ добија широка поддршка во сите општини каде што настапуваат и очекуваме резултати кои ќе ја потврдат таа доверба“, рече Дритон Сулејмани, портпарол на ВРЕДИ.
Видете и ова: Али Ахмети: Не изгубив на избори за да се повлечам од политикатаСо затворање на избирачките места во 19 часот заврши гласањето во вториот круг од локалните избори за градоначалници, по партиите излегуваат со првични реакции, а се очекува и да почне објавувањето на првичните резултати.
Во вториот круг од локалните избори се гласа за градоначалници во 33 општини, вклучително и во Градот Скопје.
Општини кои треба да добијат градоначалници се: Аеродром, Боговиње, Брвеница, Валандово, Виница, Дебар, Дебарца, Демир Капија, Карпош, Кичево, Конче, Кочани, Крушево, Куманово, Лозово, Македонска Каменица, Македонски Брод, Могила, Неготино, Пробиштип, Ранковце, Росоман, Струга, Студеничани, Тетово, Центар, Чешиново Облешево, Чучер Сандево, Шуто Оризари, Долнени, Дојран и Зрновци.