Заврши гласањето, се очекуваат првичните резултати

Во вториот круг од локалните избори, граѓаните бираат градоначалници во 33 општини, вклучително и во Градот Скопје.

Со затворање на избирачките места во 19 часот заврши гласањето во вториот круг од локалните избори за градоначалници, по што се очекува партиите да излезат со првични реакции, како и да почне објавувањето на првичните резултати.

Во вториот круг од локалните избори се гласа за градоначалници во 33 општини, вклучително и во Градот Скопје.

Останатите 32 општини кои треба да добијат градоначалници се: Аеродром, Боговиње, Брвеница, Валандово, Виница, Дебар, Дебарца, Демир Капија, Карпош, Кичево, Конче, Кочани, Крушево, Куманово, Лозово, Македонска Каменица, Македонски Брод, Могила, Неготино, Пробиштип, Ранковце, Росоман, Струга, Студеничани, Тетово, Центар, Чешиново Облешево, Чучер Сандево, Шуто Оризари, Долнени, Дојран и Зрновци.

Од нив, во најмногу меѓусебни соочувања имаа ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ – во 16 општини. Кандидати на коалициите во албанскиот блок, НАИ и ВРЕДИ се соочија во три општини. Во останатите, овие партии и коалиции ќе се борат за градоначалничко место со некоја од партии или независни кандидати.

Видете и ова: ДИК: До 17 часот гласале 39,28 проценти

Во првиот круг на 19 октомври беа избрани градоначалници во 44 општини. Од нив, најмногу освои владејачката ВМРО-ДПМНЕ – 33. Владиниот коалициски партнер ВРЕДИ тогаш освои пет градоначалнички места, а по три освоија опозициските СДСМ и коалицијата НАИ, којашто е предводена од ДУИ.

Во првиот круг се избраа и новите совет на општините. Единствено во Шуто Оризари на три избирачки места во Шуто Оризари имаше прегласување и за членовите на советот поради утврдени недоследности од страна на Државната изборна комисија во првиот круг.

Во четири општини – Гостивар, Маврово-Ростуше, Врапчиште и Центар Жупа изборите за градоначалник пропаднаа и ќе се распишат нови бидејќи не беше постигнат цензусот за одзив од најмалку една третина од запишаните гласачи во Избирачкиот список.