Во Србија денеска се одбележува една година од трагедијата на железничката станица во Нови Сад, кога загинаа 16 лица, а неколку беа тешко повредени при уривање на бетонска настрешница.
Денеска е прогласен државен Ден на жалост, а илјадници граѓани од целата земја пристигнаа во Нови Сад за да им оддадат почит на жртвите.
Во ноќните часови, пред големиот комеморативен собир, новосаѓани и граѓани од повеќе градови одржаа 16-минутен молк и во тишина палеа свеќи пред железничката станица.
На чело на колоната, студенти носеа 16 венци со имињата на загинатите. Меѓу нив беше и македонскиот истражувач Васко Саздовски (46), кој работеше во Институтот „Биосенс“ во Нови Сад.
Видете и ова: Десетици илјади луѓе ги дочекуваат студентите кои пешачејќи стигнуваат во Нови СадТрагедијата се случи на 1 ноември минатата година во 11:52 часот, кога се урна бетонска конструкција на реновирана железничка станица. Загинаа 14 лица на лице место, меѓу нив и четири деца, а уште две починаа подоцна од повредите.
Една година подоцна, одговорност за несреќата сè уште не е утврдена. Истрагата на Обвинителството за организиран криминал опфаќа 15 лица, меѓу кои и поранешни високи функционери од железничкиот сектор, но обвиненија сè уште нема. Дел од експертите обвинија дека постапките се одвиваат бавно и дека има обиди за опструкција.
По несреќата, во Србија започнаа масовни протести и студентски блокади со барања за одговорност и транспарентност во реконструкцијата на станицата.
Видете и ова: Вучиќ повика на мирно одбележување на годишнината од трагедијата во Нови СадПретседателот на Србија, Александар Вучиќ, вчера им се извини на студентите и граѓаните за „тешките зборови“ што им ги упатил во минатото, изрази жалење за трагедијата и најави дека ќе се моли за жртвите.
Тој порача дека први ноември треба да помине во тишина, без политички злоупотреби, и повторно повика на дијалог во општеството.
Железничкиот сообраќај меѓу Белград и Нови Сад денеска е прекинат без официјално објаснување, а дел од патните правци кон градот се затворени поради реконструкции.
„Целата омраза што врие во нашето општество не носи ништо добро, само води кон поголемо уништување“, рече Вучиќ во синоќешното обраќање.