Претседателот, Доналд Трамп повторно потврди в петок дека САД ќе го обноват нуклеарното тестирање, но не одговори директно кога беше прашан дали тоа ќе вклучува подземни нуклеарни тестови кои беа чести за време на Студената војна.
„Ќе дознаете многу скоро, но ќе направиме некои тестирања“, им рече Трамп на новинарите одговарајќи на прашање за подземни нуклеарни тестови.
„Другите земји го прават тоа. Ако тие ќе го направат, и ние ќе го направиме, во ред?“, додаде тој.
Трамп во четвртокот рече дека ѝ наредил на американската војска веднаш да го започне процесот за тестирање нуклеарно оружје по прекин од 33 години, потег кој изгледаше како порака до ривалските нуклеарни сили Кина и Русија.
Трамп ја направи оваа изненадувачка објава на социјалните мрежи додека леташе кон Пусан, Јужна Кореја за да се сретне со кинескиот претседател Си Џинпинг за трговски преговори.
Видете и ова: Трамп и Си се согласија да ги намалат трговските тензии и да „работат заедно“ за УкраинаСепак, не е јасно дали Трамп алудираше на тестирање со нуклеарни експлозиви, кое би го спровела Националната администрација за нуклеарна безбедност, или на тестирање на лансирање ракети со нуклеарен капацитет.
За време на патувањето во Малезија, пак, американскиот секретар за одбрана Пит Хегсет рече дека повторното тестирање е „одговорен начин“ за одржување на нуклеарната одбрана и дека Пентагон ќе соработува со Министерството за енергија.
„Се движиме брзо“, рече Хегсет.
Во последните 25 години, освен Северна Кореја во 2017, ниту една нуклеарна сила нема спроведено експлозивни нуклеарни тестови.
Ројтерс