Вучиќ повика на мирно одбележување на годишнината од трагедијата во Нови Сад

Цвеќе на Железничката станица во Нови Сад по повод одбележувањето на пет месеци од падот на настрешницата, на 1 април 2025 година.

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ повика на мирно одбележување на годишнината од загинувањето на 16 лица при падот на настрешницата на Железничката станица во Нови Сад.

Во обраќањето до јавноста тој изјави дека ќе отиде во црква и ќе запали свеќи за настраданите, повикувајќи ги и граѓаните да го сторат истото.

„Знам дека во тага некои луѓе бараат утеха во собири, секој тагува на начин на кој смета дека е најдобро, сè додека тоа се прави во мир, јас целосно го поддржувам тоа“, порача тој.

Пред една година, на 1 ноември 2024 година, при падот на бетонската настрешница на реконструираната Железничка станица во Нови Сад загинаа 16 лица, а едно лице беше тешко повредено.

За време на обраќањето, Вучиќ изјави дека многумина во изминатата година направиле грешки, вклучувајќи го и него самиот.

„Во некои моменти и јас кажав нешта за кои ми е жал што сум ги изговорил — за студентите, демонстрантите и другите луѓе. Се извинувам поради тоа“, рече Вучиќ, без да наведе на кои изјави мисли.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Една година по уривањето на настрешницата на железничката станица во Нови Сад, семејствата сè уште чекаат правда

Тој истакна и дека знае оти некои луѓе сè уште се лути затоа што „сè уште не се утврдени виновниците, а камоли казнети“ за падот на настрешницата.

„И за мене тоа е разочарувачки, иако таквите процеси се сложени и траат долго и во други земји. Можам да го разберам гневот на семејствата. Искрено се надевам дека на тие прашања наскоро ќе биде даден одговор“, изјави претседателот на Србија.

Повторно ги повика на дијалог граѓаните кои протестираат барајќи кривична и политичка одговорност за падот на настрешницата.

„Вистинската правда мора да биде задоволена, но не на улиците“, порача тој и изрази сочувство до семејствата на настраданите.

Одговор на студентите: Повик за дијалог и помирување поради странските новинари

Студентите кои го блокираат Факултетот за технички науки во Нови Сад, набргу по обраќањето на претседателот на Србија, одговорија на неговиот повик за дијалог.

„Ако се прашувате зошто повторно нуди дијалог и помирување, а пред еден месец нареди сите да нè претепаат и уапсат, утре во Нови Сад се очекува пристигнување на 47 екипи странски новинари, претежно од Европа, но и од целиот свет. Ете затоа“, стои во нивната објава на Инстаграм.

Видете и ова: Студенти во Нови Сад: Невозможни се испити под полициска окупација

Во Србија веќе една година траат протестите, предводени од студентите кои се во блокада, поради трагедијата во Нови Сад. На тие протести се бара одговорност за падот на настрешницата и распишување на вонредни парламентарни избори, што власта го одбива.

Во Нови Сад, во сабота на 1 ноември, ќе биде одбележана годишнината од трагедијата.

Кон големиот комеморативен собир денови наназад пешачат бројни студенти и граѓани од сите делови на Србија.