Европол: Разбиена мрежа на руски платеници

Апсења во Молдавија

Повеќе од 650 припадници на руските паравоени формации Вагнер и Редут, вклучени во воените операции во Украина, меѓу кои и државјани на Босна и Херцеговина, се откриени во акција на Европол, беше соопштено денеска (31 октомври).

Оваа фаза од истрагата, која Европол, Молдавија и Украина ја спроведуваа заеднички, опфати и потрага по докази за брутални воени злосторства — од егзекуции на цивили до сексуално насилство.

Во истрагата, која ја водеше тимот на Европол за меѓународни злосторства, беа идентификувани 654 членови на руските приватни воени групи Вагнер и Редут кои учествувале во борбени операции против Украина - наведе Европол .

Како што се наведува, меѓу осомничените има државјани на Украина, Молдавија, Казахстан, Узбекистан, Таџикистан, Туркменистан, Азербејџан, Ерменија и Босна и Херцеговина.

Видете и ова: ЕВРОПОЛ: Загриженост на Балканот од повратниците од конфликтните зони

За време на акцијата, која беше спроведена на 29 октомври, полицијата изврши 70 претреси на домови во Молдавија и Украина и заплени оружје, муниција, воени униформи, ознаки на Вагнер и електронска опрема.

Собрани се видео-снимки и фотографии кои укажуваат на учество на граѓани на Молдавија и Украина во борбите во Украина и Демократската Република Конго како делови од тие руски паравоени формации, соопшти Европол.

Украинските власти, преку безбедни канали на Европол, споделија 280 имиња на странски државјани осомничени за учество во борбите.

Од почетокот на истрагата, според податоците на Европол, откриени се кампови за обука и регрутирање, мапирани командни структури, а документирани и бројни воени злосторства – егзекуции на цивили, употреба на забрането оружје и напади врз украински градови.

Досега, 11 украински државјани се обвинети за велепредавство затоа што им се придружиле на групите Вагнер и Редут.

Европол, покрај аналитичката и техничката поддршка, воспостави виртуелен команден центар со цел да ја олесни комуникацијата меѓу вклучените држави и да ги спореди оперативните податоци во реално време со сопствените бази на податоци и со отворени извори, е наведено во соопштението.

Агенцијата нагласи дека продолжува тесната соработка со Украина и Молдавија во рамките на оперативните договори потпишани во 2014 и 2016 година, кои овозможуваат размена на информации и координација на прекугранични истраги.

„Целта е да се разбијат мрежите што ја загрозуваат безбедноста на Европската унија и нејзините соседи“, порача Европол.