Единаесет лица се осудени на казни доживотен затвор за пожарот во кој загинаа 78 лица во ски-центарот во покраината Болу во северозападна Турција во јануари.
Меѓу осудените на доживотен затвор со пресудата што беше изречена на 31 октомври, е и сопственикот на хотелот „Гранд Картал“ каде што избувна пожарот.
Во судскиот процес како обвинети беа опфатени 32 лица. Покрај сопственикот, меѓу нив се и членови на одборот на хотелот, менаџери и персонал, како и заменик-градоначалникот на истоимениот град Болу и вработени во противпожарната служба.
Од загинатите, 43 беа деца. Пожарот се случи за време на училиштен распуст, период кога голем број семејства од Истанбул и Анкара одат на скијање во овој ски-центар. Во трагедијата беа повредени и 137 лица.
Видете и ова: Најмалку 66 загинати во пожар во хотел во ТурцијаОвој пожар во турската јавност предизвика повици кон надлежните за одговорност и реформи. Независни експерти тврдеа дека хотелот немал основни мерки за противпожарна заштита, пишува Ројтерс.
Пожарот, кој беше еден од најсмртоносните во поновата турска историја, избувна на 21 јануари во кујната од ресторанот на 12-катниот хотел и се прошири поради дрвената фасада, покажаа првичните наоди. Во моментот на трагедијата во хотелот престојувале 238 гости од кои голем дел во паника скокаа од прозорците среде ноќ.