Израелските авиони почнаа напади во Појасот Газа откако премиерот Бенјамин Нетанјаху ја обвини милитантната група Хамас(која САД и ЕУ ја означија како терористичка организација) за кршење на прекинот на огнот на палестинската територија и ѝ нареди на армијата да изврши „силни напади“.
Израелските напади беа насочени кон област во близина на болницата Шифа, најголемата оперативна болница во северниот дел на Појасот Газа, изјавија очевидци и медиуми блиски до Хамас, јави агенцијата Ројтерс.
Најновото избувнување насилство за време на кревкото тринеделно примирје во Појасот Газа следеше по соопштението од канцеларијата на Нетанјаху во кое се вели дека тој наредил итни напади.
Во соопштението не се наведува конкретна причина за нападите, но израелски воен претставник изјави дека Хамас го прекршил прекинот на огнот со напади врз израелските сили во Појасот Газа контролиран од Израел.
„Ова е уште едно очигледно кршење на прекинот на огнот“, рече претставникот.
Договорот за прекин на огнот поддржан од САД стапи на сила на 10 октомври, со што заврши двегодишната војна што беше предизвикана од смртоносните напади на Хамас врз Израел на 7 октомври 2023 година, кои го опустошија тесниот крајбрежен појас.
Двете страни се обвинуваа меѓусебно за кршење на договорот.
Нетанјаху претходно го обвини Хамас за кршење на договорот со предавање на погрешни останки во процесот на враќање на телата на заложниците во Израел.
Хамас најави дека во вторник, на 28 октомври, ќе предаде уште едно тело на заложник поради зголемениот израелски притисок. Хамас го предаде она што го нарече 16-то од 28 тела на заложници што се согласи да ги врати според договорот за прекин на огнот со посредство на САД, кој стапи на сила на 10 октомври.
Но, израелската форензичка анализа утврди дека Хамас всушност предал делумни останки на заложник чие тело веќе било вратено во Израел пред околу две години, според канцеларијата на Нетанјаху.
За враќањето само на делумни останки на веќе вратен заложник, канцеларијата на Нетанјаху и семејствата на заложниците го обвинија Хамас за кршење на прекинот на огнот.
Најновите инструкции на Нетанјаху следуваа откако тој одржа безбедносни консултации претходно денеска.
Портпаролката на израелската влада, Шош Бедросијан, подоцна им изјави на новинарите дека „во однос на последиците за Хамас, ништо не е исклучено во моментов, но сето ова е во целосна координација со Соединетите Американски Држави, со претседателот (на САД) Доналд Трамп и со неговиот тим“.
Меѓу Израел и Хамас е на сила прекин на огнот поддржан од САД, но секоја страна ја обвинува другата за прекршувања.
Според условите на прекинот на огнот, Хамас ги ослободи сите живи заложници во замена за речиси 2.000 палестински осуденици и воени затвореници, додека Израел ги повлече своите трупи и ја запре офанзивата.
Хамас, исто така, се согласи да ги предаде останките на сите мртви заложници кои сè уште не се пронајдени, но рече дека ќе биде потребно време за да се лоцираат и преземат телата во енклавата, која е опустошена од двегодишната војна.
Израел вели дека милитантната група може да пристапи до останките на повеќето заложници.
Американскиот претседател Доналд Трамп на 9 октомври објави дека Израел и Хамас постигнале договор за прекин на огнот во Појасот Газа и ослободување на заложниците како дел од неговиот план за ставање крај на двегодишната војна во палестинската енклава.