Мировните преговори меѓу Авганистан и Пакистан завршија без договор

Талибански припадник на безбедносните сили во близина на граничниот премин меѓу Авганистан и Пакистан, 20 октомври 2025 година.

Разговорите меѓу Авганистан и Пакистан во Истанбул, со цел постигнување долгорочно примирје, завршија без договор, изјавија во вторник (28 октомври) два извори запознаени со ситуацијата, што претставува удар врз мирот во регионот по смртоносните судири овој месец.

Целта на разговорите беше да се постигне траен мир меѓу двата јужноазиски соседа откако десетици луѓе беа убиени по должината на нивната граница во најлошото насилство откако Талибанците ја презедоа власта во Кабул во 2021 година.

Двете страни се согласија за прекин на огнот во Доха на 19 октомври, но не успеаја да најдат заедничка основа за време на втората рунда разговори посредувани од Турција и Катар во Истанбул, изјавија авганистански и пакистански извори, при што секоја страна ја обвинува другата за неуспехот, објави Ројтерс.

Пакистански безбедносен извор изјави дека Талибанците не се подготвени да се обврзат да ги совладаат пакистанските Талибанци, посебна милитантна група непријателски настроена кон Пакистан за која Исламабад тврди дека работи неказнето во Авганистан.

Видете и ова: Мировни преговори меѓу Авганистан и Пакистан во Доха, во услови на кревко примирје

Авганистански извор запознаен со разговорите изјави дека тие завршиле по „тензични дискусии“ по ова прашање, додавајќи дека авганистанската страна тврдела дека нема контрола врз пакистанските Талибанци, кои во последните недели вршат напади врз пакистанските трупи.

Најновите судири започнаа по пакистанските воздушни напади претходно овој месец врз Кабул и други локации во Авганистан, насочени кон лидерите на пакистанските Талибанци.

Талибанците одговорија со напади врз позициите на пакистанската војска долж целата граница долга 2.600 км.

Прекинот на преговорите, кој го привлече вниманието на американскиот претседател Доналд Трамп, може дополнително да го затегне примирјето меѓу Авганистан под власт на Талибанците и нуклеарно вооружениот Пакистан, потсетува Ројтерс.

Пред три дена, пакистанскиот министер за одбрана изјави дека верува оти Авганистан сака мир, но дека неуспехот да се постигне договор во Истанбул би значело „отворена војна“.

И покрај прекинот на огнот меѓу Пакистан и Талибанците, во судирите за време на викендот загинаа пет пакистански војници и 25 пакистански талибански борци во близина на границата со Авганистан, соопшти војската.