Скопје домаќин на 14. Меѓународен форум за енергија за одржлив развој

илустрација

Скопје од денеска (28 октомври) е домаќин на 14. Меѓународен форум за енергија за одржлив развој (IFESD-14) насловен „Од цели кон акција: Напојувајќи ја иднината со одржлива енергија“.

Форумот го организира Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини (МЕРМС) во соработка со Канцеларијата на Програмата за развој на Обединетите нации УНДП и петте регионални комисии на ОН (UNECE, UNESCSP, UNECLAC, UNECA и ESCWS).

Целта на тридневниот форум е да се премине од глобални цели кон конкретни акции – со јасни чекори за диверзификација на изворите, забрзување на обновливите инвестиции и развој на регионална соработка за енергетска стабилност.

Најавени се над 600 учесници од 70 држави, владини и претставници на меѓународни организации, банки, академската заедница, приватниот сектор и на граѓански организации. Над 150 експерти ќе дебатираат на 35 панелски сесии.

Видете и ова: Македонија енергетски неефикасна

На отворањето на форумот во Македонската филхармонија свои обраќања имаат премиерот Христијан Мицкоски, министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска, Татијана Молчан, извршна секретарка на Економската комисија на Обединетите нации за Европа (UNECE) и Армен Григоријан, постојан претставник на Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП).

Форумот IFESD-14 во Скопје ќе се надоврзе на резултатите од минатогодишното издание, што се одржа во Бангкок, а со цел да обезбеди платформа за конкретни акции и политики кои ќе ја забрзаат праведната и инклузивна енергетска транзиција.

Во рамки на форумот, ќе биде потпишана „Скопје декларација“ – документ кој ќе остане како значаен траен запис за заложбите на земјите учеснички кон одржлива, безбедна и инклузивна енергетска иднина.

Со ова, потенцираат од МЕРМС државава ја зацврстува својата позиција на енергетската светска мапа како рамноправен и кредибилен партнер во глобалната транзиција.