По санкциите, Лукоил најави продажба на имотот во странство

Од Западен Балкан, компанијата има бензински станици во Северна Македонија, Србија и Црна Гора.

Руската нафтена компанија Лукоил во понеделникот, 27 октомври, соопшти дека има намера да го продаде својот имот во странство, откако САД воведоа санкции кон оваа и кон државната руска компанија Роснефт со цел да извршат притисок врз Русија поради нејзината војна во Украина.

„Поради воведувањето рестриктивни мерки од страна на некои земји против компанијата и нејзините подружници, компанијата ја објавува својата намера да го продаде својот меѓународен имот“, се вели во краткото соопштение на Лукоил.

Министерството за финансии на САД минатата недела објави дека воведува санкции кон Роснефт и Лукоил. Двете најголеми руски нафтени компании, чиј извоз значително придонесува во буџетот на Кремљ, претходно овој месец беа санкционирани и од Обединетото Кралство.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Дали американските санкции за руската нафта ќе ја забават војната на Кремљ против Украина?

Руската компанија соопшти дека продажбата се спроведува врз основа на дозвола за затворање на бизнисот издадена од Канцеларијата за контрола на странски средства (OFAC) при Министерството за финансии на САД.

„Почна разгледувањето на понудите од потенцијалните купувачи“, соопшти Лукоил без да даде дополнителни детали.

Санкциите на САД ги најави претседателот Доналд Трамп, кој се чини дека го губи трпението со Русија откако Москва го отфрли неговиот предлог за замрзнување на линии на фронтот.

Компанијата Лукоил е присутна со свои бензински станици во Северна Македонија и други земји од Западен Балкан – Србија и Црна Гора, но и во Бугарија и Романија каде има и рафинерии. Бензински станици Лукоил има и во Хрватска.

Видете и ова: Трамп: Нема да губам време на средби со Путин ако договорот не е сигурен

Заострувањето на санкциите врз рускиот нафтен сектор следеше по месеци напори на Трамп да ја заврши војната во Украина, што вклучуваше и средба со рускиот претседател Владимир Путин во Алјаска во август. Кратко пред да бидат воведени санкциите, Трамп го откажа вториот планиран самит со Путин.

Санкциите врз Лукоил и Роснефт стапуваат на сила на 21 ноември откако САД им дадоа рок од еден месец на компаниите што соработуваат со руските нафтени гиганти да ги прекинат врските или да се соочат со секундарни санкции, што би им го прекинало пристапот до американските банки и осигурителни компании.