Највредните скапоцени камења од Лувр префрлени во Банката на Франција

Посетители под стаклената пирамида во музејот Лувр на денот кога тој повторно се отвори за јавноста за прв пат по грабежот минатата недела, во Париз, Франција, 22 октомври 2025 година.

Некои од највредните скапоцени камења од колекцијата на францускиот музеј Лувр се префрлени во Банката на Франција по грабежот преку ден минатата недела, кој ги истакна безбедносните ранливости на познатиот музеј.

Префрлањето на некои од скапоцените предмети од галеријата Аполо на музејот, во која се сместени француските крунски скапоцености, беше извршено на 24 октомври под тајна полициска придружба, објави францускиот РТЛ, повикувајќи се на неименувани извори.

Банката на Франција, која ги чува златните резерви на земјата во огромен трезор 27 метри под земја, се наоѓа само 500 метри од Лувр, на десниот брег на Сена.

Лувр и Банката на Франција не одговорија на барањето на Ројтерс за коментар.

Видете и ова: По кражбата во музејот, Лувр останува затворен и денеска

Крадците украдоа осум скапоцени предмети, чија вредност се проценува на околу 102 милиони долари, од колекцијата Лувр на 19 октомври.

Тие влегоа во најпосетуваниот музеј во светот низ прозорец користејќи кран за време на работното време. Побегнаа со мотоцикли.

Веста за грабежот одекна низ целиот свет, предизвикувајќи критики во Франција за она што некои го сметаат за национално понижување.