Најмалку едно лице загина, а 10 се повредени во руски балистички ракетен напад врз Киев

Пожарникарите работат на место погодено од руски ракетен напад преку ноќ, во Киев, Украина, 25 октомври 2025 година

Најмалку едно лице загина, а десет се повредени во Киев во текот на ноќта откако бран руски балистички ракети предизвика силни експлозии и пожари низ украинскиот главен град, соопштија воените власти на градот на 25 октомври.

Градинка во округот Дњепровски беше оштетена, а големи пожари избувнаа во деловните зони на областите Десњански и Дарницки.

Украинските воздухопловни сили соопштија дека Русија извршила комбиниран напад од големи размери низ целата земја во текот на ноќта, лансирајќи девет балистички ракети „Искандер-М“ од регионите Ростов и Курск и 62 дронови за напад од повеќе насоки, вклучувајќи ги Курск и Орјол во Русија и Хвардијск во окупираниот Крим.

Војската соопшти дека воздушната одбрана соборила четири ракети и 50 дронови и потврдила напади на 11 локации.

Ескалацијата што се случи преку ноќ се совпадна со нов дипломатски сигнал од Москва.

Видете и ова: Руски пратеник вели дека САД, Русија и Украина се блиску до „дипломатско решение“ за војната во Украина

Кирил Дмитриев, специјалниот претставник на претседателот Владимир Путин за инвестиции и економска соработка, рече дека верува оти САД, Украина и Русија се „доста блиску“ до дипломатско решение.

Дмитриев е во САД, а американските медиуми велат дека ќе се сретне со специјалниот претставник на претседателот Доналд Трамп, Стив Виткоф, во Мајами на 25 октомври.