Тројца Украинци се затворени во Полска поради припадност на банда обвинета за извршување и подготовка на „акти на саботажа и тероризам“ во Европа во име на Русија, соопштија обвинителите, јави агенцијата АФП.
Осудата за тројцата мажи е дел од поширока истрага, особено за пожарите во два трговски центри во Варшава и во продавница на ИКЕА во Вилнус, главниот град на соседна Литванија, минатата година.
Пожарот во Варшава во мај 2024 година беше „резултат на чин на саботажа, извршен од членови на организирана криминална група што дејствувала во име на разузнавачките агенции на руската Федерација“, пишува во соопштението.
Групата дејствувала во Полска, Литванија, Латвија, Украина и Русија, според обвинителите.
Тројцата мажи беа осудени на една година и четири месеци, 2,5 години и 5,5 години затвор на суд во Варшава.
Нивните дејствија се состоеле од „палење големи малопродажни центри лоцирани во земјите-членки на Европската Унија, со намера да предизвикаат сериозно заплашување на голем број луѓе и следствено, да влијаат врз јавното мислење“, рекоа обвинителите.
Видете и ова: Полска мобилизира авиони за да го заштити воздушниот просторПред неколку дена полските власти соопштија дека 55 лица осомничени дека дејствувале во име на Москва се приведени од почетокот на целосната инвазија на Русија врз Украина во февруари 2022 година.
Полска постојано ја обвинува Русија дека стои зад голем број акти и обиди за саботажа, вклучително и пожари низ целата земја и во главниот град.
Русија постојано ги отфрла овие тврдења.
Како одмазда, Полска воведе ограничувања за движењето на руските дипломати на нејзина територија и нареди затворање на два руски конзулати во западниот град Познањ и на југ во Краков.
Полска, членка на ЕУ и на НАТО, се граничи со Украина, како и со сојузникот на Кремљ, Белорусија, и руската енклава Калининград и е една од главните земји преку кои западните сили испорачуваат оружје и муниција во Киев.