ИЈЗ: Ѓубрето да се фрла со маски и ракавици, општините да направат вонредна дератизација

Северна Македонија - преполни контејнери со ѓубре, Скопје, октомври 2025 година.

Епидемиолошката состојба во Скопје е стабилна, но се препорачува одржување на лична хигиена при ракување со отпад како што е користење на ракавици, маска, миење раце, дезинфициенс, совесно одлагање на отпадот во контејнери и избегнување на нелегални депонии како и затворање на капаците на кантите и избегнување физички контакт со отпадот и исцедокот.

Ова е препораката на Институтот за јавно здравје кој е дел од интеринституционалната работна група за справување со актуелната состојба со отпадот во Скопје. Во групата се вклучени Институтот за јавно здравје, МВР Скопје, Државниот комунален инспекторат, Државниот инспекторат за животна средина и ДСЗУ.

Eпидемиологот Драган Кучински информираше дека мерките се поделени во две категории- за општото население и за надлежните институции.

„Најважни се мерките за лична и колективна хигиена – често миење и дезинфекција на рацете, користење ракавици при одлагање отпад, како и строго почитување на местата предвидени за одлагање, како што се контејнерите“, рече Кучински.

Тој апелираше граѓаните да не создаваат диви депонии, кои дополнително ја загадуваат животната средина и правилно да управуваат со домашниот отпад.

Во однос на институциите, Кучински нагласи дека е неопходна заштита на работниците кои го собираат отпадот преку користење лична заштитна опрема и редовна вакцинација. Меѓу предложените мерки се и итно собирање на насобраниот отпад, дезинфекција, дезинсекција и дератизација според епидемиолошки индикации.

Редовното собирање на отпадот, особено во погусто населените места, треба да се врши најмалку еднаш дневно.

Видете и ова: Мицкоски: Ќе има одговорност за несобраното ѓубре во Скопје

Проф. д-р Мирјана Димовска апелираше до надлежните институции да спречат поставување контејнери во близина на здравствени установи, училишта и други објекти каде што се бараат високи хигиенски стандарди.

„Искуството од епидемијата на жолтица во Штип покажа дека поставувањето на контејнери пред училишта е ризик. Затоа, апелирам до директорите на училиштата да постават визуелни упатства за правилно миење на рацете, адаптирани за возраста на учениците“,рече Димовска.

Како итни мерки Институтот ги нагласува брзото отстранување на расфрланиот отпад со сите расположливи ресурси, приоритетно чистење околу болници, училишта, паркови и игралишта, вонредна дезинфекција, дератизација и дезинсекција на критичните локации, редовно празнење на контејнерите, минимум еднаш дневно во густо населени делови, заштита на работниците со лична заштитна опрема и задолжителна вакцинација и засилен епидемиолошки надзор за заразни заболувања.

Во однос на долгорочните мерки ИЈЗ препорачува интегриран систем за управување со отпад, редовно чистење, селекција и рециклирање, како и азнени мерки за несовесно одлагање.

Веќе неколку недели контејнерите на улиците во скопските општини се претрупани со отпад, кој службите на Комунална хигиена не го собираат. Граѓаните се револтирани, а за колапсот со собирањето на комуналниот отпад, градоначалничката Данела Арсовска, политичките партии и кандидатите за градоначалници, преку прес-конференции и соопштенија вината си ја префрлаат меѓу себе.

Поради алармантната состојба со несобирањето на комуналниот отпад во Скопје, Владата донесе одлука за вонредни инспекциски контроли, а Обвинителството отвори постапка за евентуално кривично дело.