Орбан: Работиме на заобиколување на санкциите на САД против руските нафтени компании

Виктор Орбан/Фотоархива

Унгарија работи на пронаоѓање начини за заобиколување на американските санкции против руските нафтени компании - изјави премиерот на земјата Виктор Орбан, без да наведе детали и без индикации дека ќе ги игнорира санкциите, пишува „Ројтерс“.

Претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп, близок сојузник на унгарскиот лидер, во средата за првпат во својот втор мандат воведе санкции против Русија, насочени кон „Лукоил“ и „Роснефт “, во обид да изврши притисок врз Москва да се согласи на прекин на огнот во Украина.

Потегот на Трамп ги зголеми цените на нафтата и ги загрижи Унгарија и Словачка — најголемите купувачи на руска нафта во Европската унија, кои и претходно мораа да обезбедат изземања од европските ограничувања.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Дали американските санкции за руската нафта ќе ја забават војната на Кремљ против Украина?

Орбан изјави дека разговарал со унгарската нафтена и гасна компанија МОЛ за санкциите.

„Работиме на тоа како да ги заобиколиме овие санкции“, нагласи тој.

Рафинериите на МОЛ во Унгарија и Словачка, со вкупен капацитет за преработка од 14,2 милиони тони сурова нафта годишно, зависат од руската сурова нафта што се транспортира преку нафтоводот Дружба, потсетува „Ројтерс“.

Словачката подружница на МОЛ, Словнат, во четвртокот соопшти дека го анализира можниот ефект на американските санкции, кои треба да стапат во сила подоцна во ноември, врз нивното работење.

Минатата година МОЛ се соочи со проблеми со испораките кога Украина воведе санкции против Лукоил.