Русија во четвртокот ѝ предаде на Украина 1.000 тела, за кои вели дека се убиени украински војници, соопшти украинската администрација задолжена за воени затвореници.
„Денес беа спроведени операции за репатријација и се однесуваат на 1.000 тела“, соопшти администрацијата на Телеграм, поздравувајќи ја помошта од Меѓународниот комитет на Црвениот крст, објави Агенцијата Франс прес.
Сега форензичките патолози и истражителите треба да спроведат идентификација на останките, под раководство на украинските судски власти. Украина веќе објави кон средината на септември дека презела над илјада тела на загинати борци, како што направи во јули и август.
Дополнително, Москва и Киев разменија 185 воени затвореници од секоја страна на почетокот на октомври.
Видете и ова: Двајца украински новинари убиени во руски напад со дрон во источна УкраинаРазмената на тела на загинати војници и воени затвореници е единствениот резултат од преговорите меѓу двете завојувани страни повеќе од три и пол години по почетокот на руската инвазија на Украина.
Во февруари, украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави за американска телевизиска станица дека неговата земја веќе изгубила 46.000 војници, додека „десетици илјади“ други се водат како исчезнати или се држат во непријателски затвори.
Би-Би-Си и независниот медиум „Меидазона“, кои се потпираат на слободно достапни податоци, тврдат дека регистрирале повеќе од 135.000 руски војници убиени во три и пол години војна, проценувајќи дека реалниот број е веројатно поголем, потсетува АФП.