Кнесетот разгледува закони за проширување на израелското влијание на Западниот Брег, Нетанјаху е против

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху (долу, во центар) на отворањето на седницата на Кнесетот во Ерусалим, 22 октомври 2025 година.

Израелскиот парламент во среда усвои два закона за проширување на суверенитетот над окупираниот Западен Брег.

Пратениците гласаа за два закона во прелиминарно читање.

Првиот закон, предложен од лидерот на националистичката партија Авигдор Либерман, имаше за цел да го прошири израелскиот суверенитет на населбата Маале Адумим источно од Ерусалим и беше усвоен во прелиминарно читање, со 32 пратеници „за“ и девет „против“, објави Агенцијата Франс прес.

Вториот закон, предложен од пратеникот на крајната десница Ави Маоз, би го проширил израелскиот суверенитет на целиот Западен Брег и беше усвоен со 25 пратеници „за“ и 24 „против“.

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху наводно им наредил на членовите на неговата партија Ликуд да се воздржат од гласање.

Партијата во соопштение го окарактеризира гласањето во Кнесетот како провокација од страна на опозицијата „со цел поткопување на нашите (израелски) односи со САД и големите достигнувања на Израел“ во војната во Појасот Газа, која трае од 2023 година.

„Вистинскиот суверенитет не се постигнува со симболичен закон, туку со ефикасна работа на терен и со создавање политички услови што погодуваат за признавање на нашиот суверенитет, како што беше направено во Голанската Висорамнина и во Ерусалим“, се додава во текстот.

Видете и ова: Меѓународен суд на правдата: Израел мора да дозволи влез на помошта на ОН во Газа

Во август, Израел одобри проект за изградба на 3.400 станбени единици на Западниот Брег, што беше осудено од Обединетите нации и неколку странски лидери.

Критичарите велат дека проектот, наречен Е1, ќе го пресече Западниот Брег на два дела и ќе спречи создавање на евентуална палестинска држава.

Надвор од Источен Ерусалим, кој Израел го окупира и анектира, Западниот Брег е дом на околу три милиони Палестинци, заедно со околу 500.000 Израелци, кои живеат во населби што ОН ги смета за нелегални според меѓународното право.

Колонизацијата на Западниот Брег, кој се граничи со Јордан, продолжува под секоја израелска влада од 1967 година, додека во последните месеци, неколку министри отворено повикаа на негова целосна анексија, потсетува АФП.

Јорданското Министерство за надворешни работи во среда соопшти дека остро ги осудува гласањата во Кнесетот, опишувајќи ги како „флагрантно кршење на меѓународното право и сериозен напад врз решението за две држави“.

Палестинското Министерство за надворешни работи, со седиште во Рамала, исто така го осуди гласањето и рече дека „остро ги отфрла обидите на Кнесетот да анектира палестинска земја“.

„Министерството нагласи дека окупираните палестински територии на Западниот Брег, вклучувајќи ги Ерусалим и Појасот Газа, претставуваат единствена географска единица над која Израел нема суверенитет“, објави палестинската новинска агенција Вафа.