„Не сакам да имам залуден состанок“, вели Трамп за самитот со Путин

Рускиот претседател Владимир Путин и претседателот на САД Доналд Трамп, август 2025 година

Американскиот претседател Доналд Трамп синоќа (21 октомври) изјави дека сака да се сретне со рускиот претседател Владимир Путин само кога може да се очекува продуктивен самит.

Трамп не ги потврди директно медиумските извештаи кои сугерираат дека планираната средба со неговиот руски колега била одложена или ставена во мирување, пренесе ДПА.

Меѓутоа, на новинарско прашање што знае за наводната промена на плановите и дали тоа ќе влијае на неговиот став за потенцијалната продажба на крстосувачки ракети Томахавк на Украина од САД, тој рече: „Не сакам да имам залуден состанок“.

„Не сакам да губам време, па ќе видиме што ќе се случи“, додаде Трамп во Овалната соба.

Видете и ова: Белата куќа соопшти дека нема непосредни планови за средба Трамп-Путин

Трамп рече дека сè уште не е донесена одлука и не е јасно дали тој мислел на потенцијална средба со Путин или на прашањето за продажба на ракети со долг дострел на Украина.

Тој истакна дека ќе даде нови информации во наредните два дена и го повтори својот став дека фронтовите во Украина треба да бидат замрзнати како дел од секој напор за ставање крај на конфликтот.

Неколку американски медиуми претходно објавија дека планираната средба на Трамп со Путин во Будимпешта изгледа сè понеизвесна.

Трамп во четвртокот објави дека сака да се сретне со Путин во Будимпешта за да разговара за војната во Украина. Американскиот претседател не прецизираше датум но набргу потоа зборуваше за „веројатно во следните две недели“.