Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски од Лондон порача дека со Велика Британија се реализира Договорот „Влада со Влада“, кој предвидува 6 милијарди евра за инфраструктурни инвестиции, а во фокусот се брзата пруга на Коридор 10 и новите болници во Штип, Тетово и Кичево.
Николоски се сретна со британскиот министер за бизнис и трговија, сер Крис Брајан, во рамки на Самитот за Западен Балкан – Берлински процес, кој се одржува во Лондон.
„На Македонија ѝ се ставаат на располагање 6 милијарди евра за инфраструктурни проекти. Веќе разговаравме за развојот на брзата пруга на Коридор 10, каде што добро напредуваат работите. По завршување на локалните избори ќе почнеме со изградба на болниците во Штип, Тетово и Кичево и други инфраструктурни проекти“, изјави Николоски.
Видете и ова: Муцунски и Лами ја потпишаа Декларацијата за стратешко партнерствоПотпишувањето на Декларацијата за стратешко партнерство со Обединетото Кралство се случи оваа година, по донесувањето на Законот за ратификација на Договорот меѓу двете влади, со кој на Северна Македонија ѝ се обезбедува кредитна линија од пет милијарди фунти за големи инфраструктурни проекти во транспортот, здравството и енергетиката.
Беше наведено дека Северна Македонија е прва земја на Балканот што воспоставува вакво партнерство со Велика Британија, чија цел е унапредување на економската и политичката соработка, како и зајакнување на сојузништвото во рамките на НАТО.