Нино Васев доби уште еден месец притвор

Нино Васев во судница

Судот го продолжи притворот на поранешниот директор на Клиниката за онкологија Нино Васев за нови 30 дена, изјави бранителот на Нино Васев, адвокат Боби Спирковски, по денешното судење за случајот „Онкологија 2“, најавувајќи жалба на Апелација.

Спирковски вели дека Апелација е таа што треба да го реши овој случај, бидејќи Апелација и го одредила притворот, потсетувајќи дека првостепениот суд првично го одбил предлогот на Обвинителство за определување притвор и изрекол куќен притвор, сметајќи дека тоа е доволно да обезбеди присуство на Васев на судењата, но тоа по жалбата од Обвинителството, Апелација го преиначила.

„Во жалбата тие ставија едноставно две реченици во кои што се сомневаат дека од куќен притвор Васев може да избега и со личната карта, да отиде на граница и да избега од државата. Ве молам, второто дека може и без лична карта да избега преку некаков див граничен премин и третото е дека, и ако тоа не го направи, дека може да се скрие некаде на територијата на Македонија. Па тоа не се правни аргументи, тоа се аргументи за лаици кои што не познаваат право. Тие аргументи Апелација тогаш ги усвои и одреди притвор. Тие аргументи не се аргументи“, изјави Спирковски.

Видете и ова: Прва пресуда за „Онкологија“: Условна казна за онкологот Пешевска

На денешното рочиште пред Судот беа сослушани сведоци кои се поранешни членови на Управниот одбор на Клиниката во периодот додека директори биле сега обвинетите Нино Васев и Нехат Нухи.

Случајот „Онкологија“ предизвика бурни реакции во јавноста откако беа објавени медиумски написи за злоупотреби во лекувањето пациенти болни од рак. По објавите, Јавното обвинителство отвори истрага и во мај поднесе обвинение, а предметот го подели во два дела.

Едниот е во однос на несоодветната терапија против Васев и тројцата онколози, додека другиот се однесува на финансиски злоупотреби.

Во вториот случај, исто така, обвинет е Нино Васев во својство на медицински директор, а со него на обвинителна клупа е и поранешниот економски директор Нехад Нухи. Тие се гонат за злоупотреба на службената положба, измама и проневера во службата во периодот од 2018 до 2022 година.

Видете и ова: Медицинска сестра сведочеше како се давале терапии на Клиниката за онкологија

Според обвинението, се набавувале лекови на реверс без да постои правен основ, а потоа се правеле беспредметни тендери, а дел од лековите потоа фиктивно биле раздолжувани односно не биле употребувани на пациентите во чие име биле требувани. Обвинителството тврди дека штета направена на буџетот е речиси 36 милиони евра.

И Васев и Нухи го отфрлија обвинението. Одбраната тврди дека тоа е неосновано и политички монтирано врз основа на вештачења од лица кои биле исто така биле економски и медицински директори, а потоа биле сменети од функцијата токму од обвинетиот Васев поради злоупотреби.