Српските власти го прифатија барањето на Основното јавно обвинителство Битола, преку Канцеларијата за поврат на имот во Јавното обвинителство на РСМ, за замрзнување имот – 10 нови товарни и приклучни возила набавени во 2025 година за правно лице со седиште во Белград за кое е утврдено дека има сопственичка поврзаност со лице осомничено за злоупотреби во РЕК Битола против кое беше поведена истрага на 9 октомври.
„Од српските органи беше побарано да забранат на правното лице од Белград, на неговиот управител или на друго лице во нивно име да ги отуѓува, оптоварува или да располага со моторните возила за кои постои сомнение дека се набавени и претставуваат посредна имотна корист од кривичните дела за кои е отворена истрага“, соопшти Јавното обвинителство.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
„Марковски компани“ најголем „копач“ на тендери
Дополнително, од српските власти било побарано да се обезбеди и да се отвори сеф за кој е утврдено дека осомничениот го поседува во една српска банка со цел да се провери неговата содржина.
Поднесените барања српското обвинителство ги прифатило и издало наредба за замрзнување на наведениот имот.
„Освен ова, од сметките на осомничениот и неговата фирма во државава, која исто така е опфатена со истрагата, по барање на обвинителството се замрзнати околу 30 милиони денари, а обвинителството побара да се забрани и располагање на дополнителен движен и недвижен имот во државава – три стана во Скопје, парцела градежно неизградено земјиште и гаража стекнати во 2024 година, како и три товарни и едно патничко возило набавени во 2025 година, за кои постои сомнение дека претставуваат принос од казниво дело, односно имот кој во иднина може да е предмет на конфискација поради сторените кривични дела кои се опфатени со истрагата“, се наведува во соопштението од ЈОРСМ.
Видете и ова: Битолското обвинителство поднесе жалба за домашниот притвор на Борче МарковскиОсновното јавно обвинителство Битола на 9 октомври отвори истражна постапка против осум физички и едно правно лице за продолжени кривични дела поврзани со јавни набавки во РЕК Битола, меѓу кои и за Борче Марковски, сопственик на „Марковски компани“.
Петмина службени лица во РЕК Битола, меѓу кои тогашниот директор на Комбинатот и четворица раководители и директори во ПЕ Рудници во РЕК Битола, се сомничат дека во текот на 2023 година како соизвршители сториле продолжено кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“ така што не ја извршиле својата службена положба и овластување со намера на друг да му прибават корист, а да го оштетат комбинатот, односно спротивно на основниот рударски проект и на потребите на рудникот „Живојно“ организирале и реализирале јавна набавка за дислокација на погонски станици од рудникот „Осломеј“ во ПЕ Рудници – РЕК Битола.
Правното лице, сопственикот/управител и уште едно лице вработено во правното лице ДТПУ Марковски Компани се сомничат дека иако биле свесни дека работите не се извршени, доставувале фактури врз основа на кои од РЕК Битола незаконито наплатиле 106.200.000 денари со вклучен ДДВ, со што сториле продолжено кривично дело „злоупотреба на постапката за јавен повик и јавно-приватно партнерство“.
За сомнителните тендери на Марковски компани пишуваше и Радио Слободна Европа во истражувањето насловено Марковски компани: Тајните релации Битола-Белорусија виа Белград.
Оваа компанија во последните неколку години од државата има добиено најскапи тендери според цената на услугите. Фирмата редовно, во изминативе десетина години добивала работа од „Електрани на Северна Македонија“ (ЕСМ) и подружницата „Рударско енергетскиот комбинат - Битола“ (РЕК – Битола) и за пет години склучиле 66 договори кои чинат 141 милион евра, а фирмите подизведувачи го поврзуваат со семејството на поранешниот премиер Зоран Заев.
Сопственикот Борче Марковски од 2016 година е и почесен конзул на Белорусија поради „добрите економски релации со оваа земја“.