Москва тврди дека нема план за средба меѓу Лавров и Рубио

Заменик министерот за надворешни работи на Русија, Сергеј Рјабков

Можната средба на рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров и американскиот државен секретар Марко Рубио бара претходни подготовки, изјави денеска заменик министерот за надворешни работи на Русија Сергеј Рјабков.

„Не можеме да одложиме нешто што не е договорено. Не го потврдивме она што го пишуваа некои западни извори вчера. Немавме јасно дефинирано ни време ни локација за таква средба. Постои само идеја за одржување на оваа средба“, рече Рјабков.

Тој нагласи дека се работи на подготовките за средбата на Лавров и Рубио и потврди дека шефот на руската дипломатија вчера разговарал со својот американски колега на таа тема.

Тој во понеделникот изјави дека на можната средба на Лавров и американскиот државен секретар на дневен ред се очекува да бидат украинското прашање, билатералните односи и економската агенда.

Трамп минатата недела ги засили напорите за посредување во прекин на огнот, откако оствари телефонски разговор со Путин и средба со украинскиот претседател Володимир Зеленски во Белата куќа.

Разговорите со Зеленски изгледаа во голема мера неубедливи.

Видете и ова: Зеленски е „подготвен“ да се сретне со Трамп и Путин во Будимпешта на мировни преговори

Зеленски и високи претставници на Европската Унија постојано изразуваат сомнежи во подготвеноста на Путин да ја заврши војната и објавија заедничка изјава на 21 октомври во која го нагласуваат ова.

„Тактиките на одложување на Русија покажаа одново и одново дека Украина е единствената страна што е сериозна во врска со мирот“, се вели во изјавата, потпишана од Зеленски, британскиот премиер Кир Стармер, германскиот канцелар Фридрих Мерц, италијанската премиерка Џорџија Мелони, шефицата на ЕУ Урсула фон дер Лајен и други.

Зеленски рече дека е „подготвен“ да седне на мировни преговори во унгарската престолнина, иако изборот на место беше критикуван од Европската Унија, со оглед на тоа што против Путин е издадена потерница од Меѓународниот кривичен суд.