Авионот на рускиот претседател Владимир Путин би можел да добие право за прелет над Бугарија за да одржи средба со американскиот претседател Доналд Трамп во Будимпешта, јавува бугарскит сервис на Радио Слободна Европа повикувајќи се на изјава на бугарскиот министер за надворешни работи Георг Георгиев, објавена од бугарското државно радио на 20 октомври.
„Доколку се направат напори за постигнување мир, ако условот за ова е да има средба, тогаш најлогично е средба од ваков вид да се олесни на остварлив начин“, изјавил Георгиев.
На прашањето дали ова значи дека Бугарија ќе му обезбеди на рускиот претседател воздушен коридор, Георгиев одговори кусо.
„А како треба да се одржи состанокот ако еден од учесниците не може да дојде?“, изјави министерот, јавува бугарскиот сервис на Радио Слободна Европа.
Во петокот, РСЕ/РЛ го праша Министерството за надворешни работи дали Бугарија ќе обезбеди воздушен коридор за Путин за неговата евентуална средба со Трамп во Будимпешта, но не доби одговор.
Веста доаѓа по неколку дена откако Трамп најави претстојна билатерална средба со Путин во Будимпешта по двочасовниот телефонски разговор меѓу нив двајца, кој се одржа на барање на лидерот на Кремљ.
Видете и ова: ЕУ и Зеленски се сомневаат дека Путин е подготвен да постигне мирЕдна можна патека за летање од Москва до Будимпешта лежи над Црното Море, Бугарија и Србија, но бугарскиот воздушен простор е затворен за руски авиони од целосната инвазија на Украина во февруари 2022 година.
Други рути лежат на север - над Белорусија и Полска или над Балтичкото Море, Германија и Чешка, јавува ДПА.
Во четврток, Трамп објави на својата социјална мрежа „Truth Social“ дека советници на високо ниво ќе се состанат за да договорат средба со Путин.
„Претседателот Путин и јас потоа ќе се сретнеме на договорена локација, Будимпешта, Унгарија, за да видиме дали можеме да ја завршиме оваа „неславна“ војна меѓу Русија и Украина“, додаде тој, без да даде датум.
Трамп и Путин последен пат се сретнаа во Алјаска во август.
Европската Унија и украинскиот претседател Володимир Зеленски изразија сомнежи во врска со подготвеноста на рускиот претседател Владимир Путин да ја заврши повеќе од тригодишната војна во Украина, додека се наѕира можноста за самит во Будимпешта со американскиот претседател Доналд Трамп.
Зеленски рече дека е „подготвен“ да седне на мировни преговори во унгарскиот главен град, место кое е критикувано од Европската Унија со оглед на тоа што против Путин е издадена потерница од Меѓународниот кривичен суд.
Шефицата за надворешна политика на Европската Унија, Каја Калас, на 20 октомври изјави дека, иако мировните напори на Трамп се добредојдени, „не гледаме дека Русија навистина сака мир“.
Во последните денови, претседателот Трамп ги обнови своите критики кон Украина. Тој ја најави претстојната средба со Путин еден ден пред да го пречека украинскиот претседател Володимир Зеленски во Белата куќа.