Украински напад со дрон врз гасна фабрика во рускиот Оренбург, една од најголемите вакви постројки во светот, и понатаму влијае врз производството во соседен Казахстан, во момент кога Европската Унија се движи кон целосно укинување на увозот на руски гас до крајот на 2027 година.
Според Министерството за енергетика на централноазиската земја, приемот во казахстанската фабрика бил прекинат по нападот на 19 октомври – првиот познат удар врз постројката, која е дел од Оренбургскиот гасно-хемиски комплекс управуван од руската државна енергетска компанија „Гаспром“.
Новинската агенција Ројтерс на 20 октомври, повикувајќи се на свои извори, објави дека поради нападот производството на гас на казахстанското наоѓалиште Карачаганак било намалено за 25 до 30 проценти. Фабриката годишно преработува 37,5 милијарди кубни метри гас.
Официјални лица во Киев потврдија дека Украина стои зад нападот, а претседателот Володимир Зеленски изјави дека тоа покажува „зголемување и на дострелот и на прецизноста на нашите долгодострелни санкции против Русија“.
„Буквално секој ден или два се погодуваат руски рафинерии. И тоа придонесува Русија да се соочи со реалноста,“ додаде тој.
Видете и ова: Калас повика ЕУ да биде „покреативна“ во борбата против руското заобиколување на санкциите
Во последниве месеци, Киев ги засили нападите врз руската енергетска инфраструктура, што очигледно предизвикува недостаток на гориво и раст на цените во самата Русија. Минатиот месец беше погоден и нафтениот резервоар во Новокујбишевск, при што украинскиот Генералштаб тогаш соопшти за значителни оштетувања.
Во меѓувреме, министрите за енергетика на ЕУ ја поддржаа иницијативата за постепено укинување на увозот на руски гас и нафта до јануари 2028 година, и покрај противењето на Словачка и Унгарија, кои сè уште се силно зависни од руските енергенси.
Планот, кој оди заедно со санкциите против Москва, е поттикнат од војната што Русија ја води во Украина и е дел од пошироката стратегија на Унијата.
„Иако вложивме многу напор за да го исфрлиме рускиот гас и нафта од Европа во последниве години, сè уште не сме таму,“ изјави министерот за енергетика на Данска, Ларс Агард, која моментално претседава со ЕУ, додавајќи дека договорот од 20 октомври е „критичен чекор“ кон реализацијата на таа стратегија.
Пред Москва да ја започне целосната инвазија на Украина во февруари 2022 година, Русија обезбедуваше околу 45 проценти од увозот на гас во ЕУ. Денес таа бројка изнесува околу 12 проценти.
Шефицата за надворешна политика на ЕУ, Каја Калас, на 20 октомври изјави дека нов пакет санкции – деветнаесеттиот по ред – може да биде усвоен уште оваа недела.
„Русија разбира само сила. Преговара само кога е ставена под притисок,“ рече таа.