Државната изборна комисија (ДИК) денеска, 17 октомври, одобри осум нови барања за акредитации за набљудување на локалните избори в недела. Со тоа вкупниот број на набљудувачи се искачи на 1.462 лица.
Од нив, 808 се домашни, а 664 се набљудувачи од странство.
Според списокот на ДИК, домашните набљудувачи се од повеќе здруженија на граѓани и невладини организации.
Меѓу странските, пак, најбројни се од ОДИХР – Канцеларијата за демократски институции и човекови права – 524, а ќе има набљудувачи и од Европскиот парламент, повеќе амбасади во земјава, како и државни изборни тела од неколку држави, Хрватска, Украина, Молдавија, Турција.
Видете и ова: Локалните избори тест за државата: Ќе даде ли право на „глас“ на граѓаните со попреченост?Денеска, 17 октомври, е последен ден од кампањата. На полноќ ќе стапи на сила изборен молк. Утре своето гласачко право ќе го остварат болните и изнемоштени лица.
На изборниот ден, 19 октомври, пак, право на глас имаат 1,83 милиони граѓани.
Ќе се избираат градоначалници и членови на советите во сите 80 општини плус Градот Скопје.
За 2 ноември е закажан вториот круг од изборите, кога ќе се соочат двајцата првопласирани кандидати во општините каде нема да се избере градоначалник во првиот круг.
Услов за да се избере градоначалник во првиот круг е еден кандидат да освои 50% плус еден глас, а излезноста да биде барем една третина од гласачите запишани во Избирачкиот список во конкретната општина.