Мировната мисија на НАТО во Косово (КФОР) го поздрави почитувањето на договорот од страна на косовските власти во врска со распоредувањето на припадници на косовските безбедносни сили (КБС) на север, каде што живее мнозинско српско население.
Овој став на КФОР доаѓа откако возилата на Косовските безбедносни сили (КБС) останаа во Северна Митровица неколку минути на 16 октомври.
Министерството за одбрана и косовската полиција потврдија дека припадниците на КБС тргнале по погрешен пат.
КФОР изјави дека ги прифаќа изјавите дадени од надлежните органи дека единицата на КБС погрешно влегла во Северна Митровица и набрзо се повлекла оттаму.
„КФОР го поздравува постојаното почитување на долгорочниот договор од страна на Косовските безбедносни сили (КБС) да не распоредуваат свои припадници на северот на Косово без претходна најава и согласност од командантот на КФОР. Тој став беше повторен за време на телефонскиот разговор помеѓу командантот на КФОР и командантот на КБС, одржан на 16 октомври. Командантот на КБС нагласи дека единицата на КБС привремено отстапила од својата рута по грешка“, соопшти КФОР во одговор на Радио Слободна Европа (РСЕ).
Видете и ова: Полицијата тврди дека косовските безбедносни сили „по грешка“ биле на северот на земјатаПретходно, заменик-директорот на косовската полиција за северниот регион, Ветон Елшани за РСЕ изјави дека членовите на КБС биле во Северна Митровица „по грешка“ на 16 октомври, бидејќи ГПС навигацијата погрешно ги насочила кон север.
Од друга страна, Српска листа, најголемата партија на Србите во Косово, која има поддршка од Белград, објави дека пристигнувањето на членовите на косовските безбедносни сили во Северна Митровица „предизвикало вознемиреност кај српскиот народ и ги зголемило тензиите“.
Канцеларијата за Косово во Владата на Србија, од друга страна, побара итна реакција од Меѓународната заедница поради присуството на неколку возила на косовските безбедносни сили на северот од Косово и оцени дека тоа е „директно кршење на цврстите гаранции на НАТО“.
Косовските безбедносни сили не смеат да бидат присутни на северот од Косово, каде што живее мнозинското српско население, без претходно одобрение од КФОР врз основа на гаранциите на Хашим Тачи во 2013 година како премиер на Косово.
Тачи размени писма со тогашниот генерален секретар на НАТО, Андерс Фог Расмусен, во кои се обврза дека косовските безбедносни сили нема да бидат распоредени на северот на Косово без претходна согласност од КФОР на Косово.
КБС моментално е во процес на трансформација во армија, по усвојувањето на законските измени. Тој процес треба да биде завршен до 2028 година.