Тоа што го направи дипломатијата на свиткана кичма на СДСМ и на ДУИ, нас не доведе во оваа ситуација. Значи нешто што е со векови создавано, што луѓе се жртвувале, имале саможртва, тие успеаја за седум години да го распродадат, рече вечерва премиерот и претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во емисијата „Само интервју“ на Канал 5 ТВ.
Мицкоски нагласи дека додека е тој претседател на Владата нема да се случат уставните измени, без јасна испорака и обврски и од страна на Бугарија, како и конкретни гаранции од Европската Унија.
„Никој нема право, ниту пак е фер да очекува дека оваа Влада безусловно ќе го направи тоа, ниту има намера оваа Влада тоа да го направи, додека сум јас претседател на Владата. Тоа треба да е јасно, јас тоа сум го кажал многупати. Ние бараме доследно почитување на меѓународното право, а таму има обврски и нашиот источен сосед. И исто така бараме гаранции и ако навистина ЕУ сака Македонија да ја види во своето друштво, барем малку од тоа што за некои други држави го прави ќе го направи и за нас. И тоа е јасен став“, рече Мицкоски.
Видете и ова: Фон дер Лајен по средбата со Мицкоски: Треба да ја направите договорената уставна промена, топката е во вашиот дворВчера, при посетата на Северна Македонија и средбата во Владата со премиерот Мицкоски, претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен порача дека Северна Македонија треба да ги направи уставните измени за да го продолжи својот пат кон Европската унија.
„Ние целосно ја поддржуваме Северна Македонија на нејзиниот пат кон ЕУ. Можете да сметате на нас. Следниот и единствен чекор пред почетокот на преговорите е јасен. Треба да ја направите договорената уставна промена. Топката е во вашиот двор. ЕУ е подготвена“, напиша фон дер Лајен на мрежата Икс по средбата со Мицкоски.
Северна Македонија сè уште нема отворено кластери од преговорите со ЕУ бидејќи услов за тоа да се случи е вметнување на бугарската заедница во Преамбулата во Уставот, на што власта не се согласува без гаранции дека ќе нема други условувања и вета од Бугарија.
Претставници на власта најавија раздвижувања околу евроинтеграциите по локалните избори.