Градоначалникот на Одеса негира дека има руско државјанство

Хенадиј Труханов, градоначалникот на Одеса

Градоначалникот на Одеса, Хенадиј Труханов, под притисок откако украинскиот претседател му го одзеде државјанството и воведе воена власт над најважниот пристанишен град во земјата, повторно ги негираше обвинувањата дека нелегално поседува руско државјанство.

Поранешниот член на украинскиот парламент и градоначалник на пристаништето на Црното Море од 2014 година со години е прогонуван од обвинувања дека поседува руско државјанство, што е нелегално според украинскиот закон.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски оваа недела објави дека му го одзема државјанството на Труханов, повикувајќи се на извештаи од главната безбедносна агенција на земјата дека поседува руски пасош.

„Не сум аплицирал во Русија за државјанство“

Труханов, во интервју за украинската служба на РСЕ/РС во среда, се обиде да ги убеди Украинците дека обвинувањата се лажни.

„Ги уверувам сите Украинци, секој што ја гледа и сака да ја знае вистината денес, дека никогаш не сум имал руско државјанство. Немав право да го добијам тоа државјанство, бидејќи не поднесов барање до Русија за државјанство за да добијам државјанство од неа, а не можев да го добијам на друг начин“, рече тој.

Безбедносната служба на Украина (СБУ) објави фотографија од руски пасош за кој тврди дека му припаѓал на Труханов, тврдејќи дека е издаден во 2015 година, околу една година откако Русија започна конфликт со низок интензитет во источниот регион Донбас во Украина.

„Не знам зошто не ме сакаат. Можеби е поради мојата фризура“, се пошегува тој.

Одеса, најголемото украинско пристаниште на Црното Море и дом на околу милион луѓе, доби дополнително економско и стратешко значење откако Русија го анектираше Крим во 2014 година. Градот е главна поморска извозна рута за украински стоки, а е и дом на украинската морнарица.

Зеленски нејасно се осврна на „безбедносните прашања“ во својата најава за одземање на државјанството на Труханов.

Големи поплави

„Одеса заслужува поголема заштита и поголема поддршка. Премногу безбедносни прашања во Одеса се нерешени предолго“, рече Зеленски.

Градот беше погоден и од поројни дождови и силни поплави кон крајот на минатиот месец, при што загинаа најмалку девет лица. Зеленски јавно ги обвини „локалните лидери“ на Одеса дека не преземаат доволно мерки за заштита на жителите од поплавите.

Видете и ова: Нови руски напади врз Украина, загинаа пет лица

„Можеби претседателот е незадоволен од начинот на кој градот моментално реагира на руската агресија“, рече Труханов.

Тој рече дека фотографијата за која СБУ тврди дека е пасошот на Труханов е лажна. Некои надворешни експерти, исто така, изразија сомнежи во врска со тоа. Рускиот новински портал „Инсајдер“ рече дека фотографијата изгледа како фалсификат.

„Ако се покаже и стане факт дека ова е лажно, тогаш мислам дека тоа би можело значително да ја поткопа јавната доверба во таков ентитет како што е Безбедносната служба на Украина“, изјави Виталиј Безгин, пратеник од владејачката партија „Слуга на народот“, за украинската служба на РСЕ/РЛ.

„А тоа ќе биде огромен проблем за нас, за државата, бидејќи овој ентитет всушност има огромна работа за време на војната“.

Од почетокот на руската инвазија во февруари 2022 година, Зеленски нареди воспоставување воени администрации во главниот град Киев и други градови, тврдејќи дека тоа е поефикасен начин за управување со поголеми општини за време на војна.

Сепак, некои градоначалници и општински раководители се спротивставија на паралелните администрации. На 29 јануари, градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко, го обвини кабинетот на претседателот Зеленски за политички интриги во врска со изборот на нов воен гувернер.